Воспитување

Зошто француските деца јадат сѐ, спијат ноќе и се трпеливи

Американката Памела Дракерман ја напишала книгата „Да се одгледа бебе: Една американска жена ја открива мудроста на француското воспитување“, во која го опишува своето искуство со воспитување дете во Париз и ги опиша главните разлики во воспитувањето на американските и француските деца. Таа открила дека француските деца се однесуваат убаво, дека се независни, но и јадат храна која не е во облик на диносауруси. Ако ова не ви ја буди љубопитноста, тогаш дознајте и дека – според Дракерман, француските родители имаат социјален живот, спијат, но имаат и сексуален живот. Звучи интересно?

Во својата книга таа опишала како живеат француските родители и нивните потомци.

Како Французите разговараат со своите деца?

Слушање на децата – Французите веруваат дека бебињата не се празни суштества кои треба да научат сè, туку рационални суштества кои можат да научат како да комуницираат за она што го чувствуваат или мислат. Како го прават тоа? Слушајте го вашето бебе и внимавајте на знаците и внимавајте како се однесува. Французите веруваат дека е можно да се развие чувствителност во овој процес кој е неопходен за родителството. Бидете добри со вашето бебе, не користете „чудни“ гласови додека му пеете и користете ги зборовите „те молам“ и „благодарам“, иако тоа ви изгледа смешно затоа што бебето е мало и не зборува.

Зошто нивните деца спијат цела ноќ?

Вашето бебе ќе спие цела ноќ ако му дозволите – На крајот од секој циклус на спиење бебињата можат да се разбудат и да плачат, а со тоа да научат како да ги поврзат овие циклуси во целоноќен сон. Исто така, тие можат да бидат многу активни, да се вртат околу креветчето без воопшто да се разбудат. Сепак, родителите во Франција не се грижат премногу за такви работи. Како Французите ги учат своите деца полесно да комбинираат ноќни циклуси? Тие прават „пауза“ од пет минути ако детето почне да плаче веднаш штом се разбуди. Овој мал чекор наназад му дава на детето можност полека самото да заспие, без ваша помош. Оставете го вашето дете да заспие во текот на денот без повлечени завеси, така што ќе биде многу полесно да ја научи разликата помеѓу дневниот и ноќниот сон и кога навистина треба да спие цела ноќ. Разговарајте со вашето дете зошто сите треба да спијат цела ноќ (веќе напишавме погоре дека Французите веруваат дека бебето разбира сè) и кажете му колку сте сигурни дека можете да го научите на тоа. На крајот ќе ви докаже дека тоа е можно, а вие ќе станете вистински „генијален родител“.

Зошто малите Французи јадат секаква храна?

Нема „храна за бебиња“ – Французите ги хранат своите деца горе-долу со истите работи што ги јадат самите. Општото правило е дека нивните деца се здрави и се хранат нормално без навестување дека зеленчукот е чуден. Децата јадат три оброци на ден и имаат попладневна ужина, не консумираат премногу слатки или брза храна и не се жалат на тоа. Штом децата се подготвени за цврста храна, наместо житарици, родителите почнуваат да воведуваат зеленчук. Се верува дека префинетоста на вкусот почнува да се развива уште од рана возраст. Времето за оброците им се приспособува според семејниот распоред наместо да ги хранат децата по потреба. Случајната храна исто така не е вообичаена, освен попладневната ужина, бидејќи детето ќе се научи на трпение и самоконтрола и ќе биде погладно кога ќе дојде време за јадење. Според Французите, гладните деца подобро јадат.

Семејните оброци не се делат на големи и мали, сите јадат исто. На почетокот веднаш се послужува зеленчук бидејќи децата тогаш се најгладни. Иако можеби звучи грубо, малите Французи не мора да јадат ако нешто не им се допаѓа, но мора да пробаат сѐ што е на масата. Погледнете што сакаат вашите деца и подгответе уште едно јадење со таа храна. Исто така, важно е да не ги употребувате зборовите ми се допаѓаа/не ми се допаѓа. Разговарајте за различни вкусови и текстури и споредувајте ги. Така многу полесно ќе сфатите зошто некоја храна не е вкусна и на тој начин ќе можете да ја поттикнете љубопитноста поврзана со храната. И за крај, не измачувајте ги децата. Французите ја доживуваат храната како уметност, иако е познато дека по оброк, децата смеат да ја напуштат масата по 20 минути.

Зошто децата во Франција се однесуваат убаво?

Трпението не е само доблест, туку е и очекувано – Французите веруваат дека справувањето со фрустрацијата и одложувањето на задоволството се вештини кои можат да ги научат децата. Се учи чувството на смиреност, за децата да разберат што се очекува од нив. Французите во секојдневниот живот полека ги учат децата на оваа вештина. Не испуштајте сè кога на вашето дете му „требате“. Не заборавајте да му објасните на вашето дете дека треба да завршите со подготовката на појадокот, да испратите е-пошта или да ги измиете забите пред да го погледнете неговиот најнов цртеж на куче. Не дозволувајте вашето дете да ве прекинува, но не прекинувајте го ни вие додека ужива во својот момент. Ако му кажете дека ќе бидете со него за неколку минути, исполнете го тоа ветување и тогаш посветете се на тоа.

Французите имаат големи очекувања од децата и нивната способност за самоконтрола. Ги учат како мирно да ја најдат омилената играчка меѓу еден куп играчки – таа самодоверба им ја пренесуваат на децата во секое време. Тие не ги учат децата да мислат дека се центарот на универзумот, иако тие се центарот на нивниот живот.

Автор: Селма Сакиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top