Воспитување

Зошто е важно да тагуваме по она што го пропуштивме поради пандемијата?

Овој текст почнав да го пишувам кога дома на фрижидерот ставив хартија на која сите во семејството го запишувавме сето она што сакаме да го направиме „кога ова ќе помине“. Со радоста, возбудувањето и надежта што таа активност ми ги донесе (и уште ми ги носи), во ќошето на душата се создаде и тагата. Како што поминуваат деновите, сè повеќе сфаќам дека таа тага е поврзана со губитоците за кои не зборуваме, а кои, претворени во планови за „некогаш“, ме гледаат од тоа парче хартија. Мислам за тоа како насоченоста на објективни и конкретни проблеми (сосема случајно) можеби не ни остава доволно време и простор за освестување за губитокот и справување со него. Сепак, еве зошто е важно да се пронајде.

Нашето општество во моментов е изложено на различни тешки случувања поради кризата предизвикана од коронавирусот и последователните губитоци, а во Загреб и околината со трауматските случувања поради земјотресот. Важно е, во контекст на земјотресот, да се спомене, дека таквите случувања често се проследени и со повеќекратни губитоци. Начинот на кој ги доживуваме трауматските случувања се огледува и во реченицата: „Како некој да ми ја помести земјата под нозете“, а токму тоа поместување на земјата го отсликува губитокот на чувството на сигурност и (привидот) на контрола над сопствениот живот, кој ги следи сите трауматски случки и речиси е универзален.

Кризните и трауматски случувања носат различни губитоци кои може да се класифицираат како губитоци на социјалните односи, апстрактните работи и материјални вредности. Во контекст на кризата во која се наоѓаме, социјалните односи се погодени со губиток на важни луѓе на различни начини, преку намален обем на контакти, недостиг на физички контакт, губиток на ритуали, а за некои и болест и смрт. Симболичните губитоци се видливи преку губење на чувството за сигурност, вербата во иднината, очекувања и надеж, а материјалните, пак, може да се отсликаат преку разрушена куќа или дом, спомени уништени од земјотрес, па и конкретни губитоци поврзани со немање работа, економска несигурност и сопрена работна активност.

Во контекст на кризата со Ковид-19, која нашите животи ги стави на пауза, ќе се среќаваме, освен со многу опипливи губитоци наведени погоре – и со тага за нешто што никогаш го немало и кое никој не ни го ветил, а ни носи болка, знаејќи дека нешто што сме го сакале и планирале нема да се оствари. Сите пречкртани идни планови во роковниците, а и оние што постоеле иако можеби не биле запишани, се претовраат во нови, сега сопрени односи, потопли и подолги денови кои повикуваат на игра надвор, а претставуваат токму такви губитоци. Со оглед на тоа дека тоа се места во иднина, па конкретен губиток нема, се поставува прашањето: може ли воопшто да се изгуби нешто што никогаш не сме го имале? Одговорот е дека сепак сме имале нешто. Имавме надеж. Имавме фантазија. Имавме сон.

И затоа, пред да ги реконструирате своите животи и пред да се приспособите на новонастанатите околности, дајте си време и простор за тагување по своите надежи и соништа, односи и планови кои почнале, па се сопреле, слика за тоа како пролетта 2020 година би требало да изгледа. Дозволете го тоа, иако можеби сега тие работи би изгледале безвредни, неважни и мали, а тагувањето по нив луксуз. Бидејќи, иако понекогаш речениците како: „Би можело да биде полошо“ или „Јас добро поминав, гледај како им е ним“, може да помогнат затоа што со намалување на сопствените губитоци полесно ги поднесуваме, па важно е да знаеме дека е сосема во ред да се биде тажен и да се тагува по губитоците, колку и да изгледаат мали и безначајни – и понатаму, тие се наши и ни се важни. Ако тагувате по нив не значи дека не треба да имате емпатија и разбирање за оние кои на (објективно) потежок начин се погодени со ситуацијата што нè затече. Токму спротивно, завршениот процес на тагување и одложените соништа, надевања и слики од иднината што нема да се случат отвораат во нас нови места во кои можеме да најдеме поддршка за себе, но и за блиските на кои таа им е потребна.

Психологијата нè учи дека по губитокот следува природен и универзален процес на тагување. Тоа е болен период кој секогаш трае подолго отколку што би сакале, но има изразено важна и значајна функција. Тагувањето е процес во кој ќе се навикнуваме на она што сме го изгубиле, кое повеќе нема да се врати. Како што доживувањето на губитокот е нормален дел од животот на сите нас, така и периодот на тагување е нормална реакција по губитокот, процес кој ни овозможува да ги освестиме своите губитоци и нивното значење за нас, да ги проживееме нашите емоции такви какви што се и постепено да учиме и да научиме да живееме без она што сме го изгубиле.

Говорејќи за процесот на тагување и неговите фази, кои вклучуваат шок, зголемена свест за чувства како лутина, копнеж, тага, вина, тешкотија, па на крајот и прифаќање, не зборуваме за болест или нарушување, туку за природен процес чиј резултат е развој и здравје. На овој развоен пат може да се појават и некои насоки кои нè оддалечуваат од целта. Едната е наводен скратен пат, а другата е свртување што доведува до убави патеки. Првата претставува негирање на губитокот, така што бегаме од нешто што е болно, но истовремено остануваме да живееме во свет кој не е реален и во кој губитокот не се случил. Од друга страна, свртувањето кон слепа патека претставува одлука да не одиме понатаму, да останеме на местото на страдањето, па останувањето покрај она што го нема е еднакво нереално како и претворање дека не исчезнало.

Ситуацијата во која се наоѓа сега светот на сите ни носи губитоци на различни начини, со различен интензитет и степен на сериозност. Донесува губитоци предизвикани од земјотрес, соочување со болест или закана од болест, економска неизвесност и егзистенцијални стравови кои носат губиток на чувството за сигурност и оптимизам. Одговорот на прашањето од почетокот ни кажува дека е потребно и важно на губитоците и тагувањето да им се даде простор бидејќи дури откако ќе завршиме со тагувањето, можеме да тргнеме понатаму да бараме нови начини како да се поддржиме себеси во реалноста во која сме и со оние ресурси што во овој момент ги имаме на располагање.

Без разлика на тоа колку губитоците ни изгледаат големи или мали, оправдани или неоправдани, важни или неважни, посветете им време и дајте им простор знаејќи притоа дека на крајот од процесот на тагување, на кој природно му се спротивставуваме бидејќи е болен, нè чека нов капацитет и сила да се носиме со она што е реално, каква и да е таа реалност. Таму се наоѓа обновен капацитет за некои нови надежи, желби и фантазии, за оптимизам.

Автор: Сена Пуховски, „Загребачко психолошко друштво“

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top