Здравје

Прегрнувајте ги децата! Нови докази на научниците зошто е битно

Нова јапонска студија нуди нови докази дека прегратките играат важна улога во раното поврзување помеѓу родителите и нивните деца. За студијата, истражувачите од Универзитетот „Тохо“ во Токио, Јапонија, ги набљудувале отчукувањата на срцето кај бебиња помали од една година и откриле дека децата што се на возраст до 4 месеци искусуваат поголемо забавување на отчукувањата на срцето за време на прегратка од родителите, во споредба со прегратка од странец.

Студијата е објавена во научното списание „iScience“.

– Како и повеќето родители, сакаме да ги прегрнуваме нашите деца. Исто така, знаеме дека децата сакаат да бидат прегрнувани од родителите. Но, она што нè изненади како научници е колку малку знаеме за прегрнувањето како процес – вели првиот автор, д-р Сашин Јошида од Универзитетот „Тохо“.

Едно од прашањето во студијата беше дали самата прегратка била смирувачка или дали некаков пораст во притисокот, на пример, ако детето се држи во прегратка, ќе доведе до посебно смирување. Јошида, заедно со д-р Хоримаса Фунато и нивните колеги ги испитувале одговорите кај срцевите отчукувања кај деца помали од една година за време на држење во прегратка, прегратка или силна прегратка. Тие, исто така, набљудувале што се случува кога женско лице-странец го прави гушкањето наместо родителот.

– Децата постари од 4 месеци покажале високо зголемување на интервалите од срцевите отчукувања во текот на прегрнувањето од родителите отколку од непознати лица. Родителите исто така покажале високо зголемување на интервалите од срцевите отчукувања поради тоа што ги прегрнувале своите деца. Откривме дека и децата и родителите се релаксираат преку меѓусебното прегрнување – вели д-р Јошида.

Истражувачкиот тим исто така известил дека и родителите и децата покажуваат зголемување за време на прегратката, познато како „R-R интервал“ на електрокардиограм. „R-R интервал“ е времето помеѓу одредени бранови форми кои ја мерат електричната активност на срцето. Зголеменото време индицира на побавно отчукување на срцето. Бебињата помали од 4 месеци не го покажуваат истото покачување на „R-R интервалот“ за време на прегратките, според студијата. Но, помалите деца покажале послабо отчукување на срцето кога родителите поставувале притисок на нивниот грб додека ги држеле децата, а во истражувањето се посочува дека не ја прават истата дистинкција како постарите деца помеѓу држењето и прегрнувањето.

Истражувачкиот тим вели дека очекувале прегратката да води до очигледни промени во однесувањето на детето, на пример, од кенкаво детето да премине во добро расположение. Но, она што ги изненадило е смирувачкиот ефект на прегратката, која, според нив, може да биде детектирана само кај децата што ниту плачеле ниту биле кенкави. „Поради ова, сметаме дека експерименталните податоци што укажуваат на смирувачки ефект на прегратката помеѓу родителите и децата се делот кој недостигал подолго време, иако има многу докази за ефектот во одредени ситуации“, вели Фунато.

– Вашето бебе сака да биде прегрнувано и го сака начинот на кој го прегрнувате. Иако бебињата не можат да зборуваат, тие ги препознаваат родителите преку различни родителски методи, вклучително и прегрнувањето, барем откако ќе наполнат 4 месеци. Се надеваме дека со познавањето на чувствата на бебето додека е прегрнувано, ќе се помогне во олеснување на физичкиот и психолошкиот товар кој го носи грижата за децата што се премлади за да зборуваат – вели Јошида.

Автор: Трејси Педерсен

Извор: psychcentral.com

Поврзани написи

To top