Те повикав да дојдеш денес бидејќи не можев повеќе сама. Не се двоумеше ниту една секунда. Дојде и донесе ручек за мене и за децата. Доволно е што си тука, до мене, а јас веќе ја чувствувам тежината како ми паѓа од грбот и почнувам полесно да дишам. Зошто е сè толку лесно и убаво кога си тука?

Имам триесет години и треба одвреме-навреме да дотрчам во твоите прегратки и да останам таму некое време. Секогаш знаеш што да кажеш за да се чувствувам подобро. Ти си единствената што ги слуша зборовите што никогаш не ги кажувам и го гледа дури и она што се обидувам да го сокријам од тебе.

И сега, конечно, чувствувам како е да се биде во твојата кожа. Во најтешките моменти мислам на тебе и сфаќам дека сѐ што правам за моите деца, ти го направи за мене. Има денови кога се чини дека никој не ме гледа и не ме слуша. Чувствувам дека постојано нудам и давам и повторно не е доволно. Дека никој не го цени и не го забележува тоа. Дури и кога не ми префрла ништо, мојот сопруг прави да се чувствувам дека тоа што го работам не е толку важно како неговата работа. Затоа што на крајот од денот, колку и да сум направила, мијалникот повторно е полн со садови, куќата е сè уште во неред, подот во бањата е покриен со крпи, а јас не можам ни да се сетам што сум направила тој ден.

Понекогаш се чувствувам како да си единствената на светот која гледа колку напорно се трудам. Единствената која разбира колку се давам себеси, колку сакам.

Во моментите на најголема љубов и блискост со моите деца се сеќавам на тебе и колку ти ми даде. Кога ќе видам грозје во чинијата со овошје кое никогаш не го јадам, за да им го чувам на децата затоа што знам колку го сакаат. Се сеќавам дека кога бев дете, секогаш имаше грозје дома за мене. Не знаев дали ти се допаѓа или не, но претпоставував дека не ти се допаѓаше бидејќи никогаш не го јадеше. И сега секогаш ми велиш да го изедам последното парче од што било затоа што „и онака не ти се јаде“. И секогаш ти верував, сѐ додека и самата не станав мајка. Сега знам дека таа би ми го подарила последното парче од што било, дури и да е последно на светот.

Во моментите кога се жртвувам за моите деца, се сеќавам колку жртви мајка ми направи за мене. Цел ден слушам приказни, возбудливи вести и достигнувања кои не се мои. Набљудувам замоци од коцки, скокови од скали и безброј карате-удари во воздух. И само навечер, кога сите ќе заспијат, имам малку време за себе.

Понекогаш се чувствувам како сè уште да ти го правам истото. Ти викам и од мене излегува поплава од зборови – за сѐ што ми се случува во животот и што сакам да го слушнеш. Ти си единствената која внимателно го слуша секој мој збор и ја чувствува секоја моја емоција како да е твоја. Кога ќе го прекинеме разговорот, често сфаќам дека не те ни прашав како си?

Ти си моето пристаниште на мирот. Моето засолниште. Ме правиш да се чувствувам посебно, важно, а тоа не знаев да го ценам до овој период од мојот живот, кога често се ставам себеси на последно место. Сѐ додека не почувствував како е да се биде од другата страна, да се биде нечие прибежиште.

Одамна мислев дека не ми требаш повеќе. Не на лош начин, туку дека станав независна и созреав до тој степен што не морам повеќе да трчам кај мајка ми. И ми дозволи да верувам во тоа. Сепак, ти секогаш беше таму некаде, како сенка, подготвена да скокнеш ако ми требаш. Секогаш тука да ме фатиш ако почнам да паѓам, исто како што правеше кога бев дете. Зборовите „благодарам“ не можат ни приближно да го опишат она што го чувствувам, но сакам да знаеш дека сега разбирам сè. Те разбирам во моите најтешки, но и најблескави моменти, кога ги гледам моите деца.

Разбирам што жртвуваше и колку љубов несебично даде. И продолжуваш да даваш. Конечно те разбирам, мамо.

Автор: Сања

Извор



912

X