Секое дете одвреме-навреме прави грешки поради кои може да ги разочараат родителите. Иако е природно да се почувствува разочараност, токму во тие моменти родителската поддршка станува клучна за емоционалниот развој на детето. Родителите имаат единствена можност да им помогнат на децата да научат важни животни лекции: како да преземат одговорност, како да извлечат поука од своите постапки и како да изградат здрав однос кон сопствените грешки.
Кога децата добиваат поддршка откако ќе згрешат, тоа може да им помогне да созреат, да станат одговорни и емоционално постабилни. Во продолжение ги издвојуваме трите причини зошто е многу важно да им бидете поддршка на децата токму тогаш кога ве разочарале иако тоа во моментот може да биде тешко.
Градење доверба во семејството
Кога детето ќе ве разочара, може да сакате да се повлечете или да престанете да бидете емоционална поддршка. Но токму тогаш довербата е најважниот фактор. Децата што знаат дека нивните родители ќе ги поддржат без разлика на грешките, развиваат силна доверба. Таа доверба ги поставува темелите на здрава семејна динамика и им овозможува на децата да се чувствуваат сигурно, дури и кога ќе згрешат.
Во тие моменти важно е родителот да остане смирен и полн со разбирање. Наместо со лутина или казни, разговарајте со детето, прашајте го зошто направило одреден избор и помогнете му да научи нешто од таа грешка.
Учење од грешките и развој на емоционална отпорност
Кога детето ќе чувствува дека родителот му е сигурна потпора дури и по направена грешка, полесно ќе извлече поука од искуството и ќе развие емоционална отпорност. Да се даде поддршка во моментот кога детето се соочува со последиците од своите постапки му помага да излезе од ситуацијата посилно и помудро.

Децата што не се осудени по направената грешка развиваат здрава емоционална стабилност и способност да се справуваат со животните предизвици.
Родителите можат да им помогнат на децата така што ќе ги поттикнат да препознаат што направиле погрешно, но и да се насочат кон решенија. Покажете им дека преземањето одговорност и учењето од сопствените грешки може да биде позитивно искуство.
Поттикнување одговорност и емоционална зрелост
Да се биде поддршка на дете кое ве разочарало е и можност за негово учење на одговорност и емоционална зрелост. Кога детето знае дека родителот ќе се обиде да го разбере, и покрај грешките, тоа ќе се чувствува поодговорно за своите постапки.
Децата што чувствуваат поддршка развиваат поголема емоционална зрелост бидејќи знаат дека можат да се потпрат на своите родители, а истовремено учат од сопствените грешки.
Поттикнувајте го детето да ги изрази своите чувства и мисли по направена грешка за да му помогнете да ги разбере своите постапки. Со поставување здрави граници и наградување на одговорното однесување, родителите можат да му помогнат на детето да стане емоционално зрело.