Игротека

Зошто девојчињата подобро слушаат и порано прозборуваат од момчињата?

За чудо, сите во одделението беа мирни. Нивната задача беше дома да го истражат својот астролошки знак, па потоа на час да напишат состав за тоа колку нивните особини навистина се поклопуваат со особините на знакот.

Ана крена рака.

„Учителе, можете ли да погледнете дали добро пишувам?“
„Се разбира“, клекнав покрај неа и почнав да читам.
„Ана. Дали си дала некои примери од твоето искуство во составот?“
„Не.“
„Дали си дала одговор на прашањето дали карактеристиките од хороскопскиот знак навистина те опишуваат?“
„Не.“
„Дали си напишала вовед во составот?“
„Не.“

Во тој момент забележав дека ѝ се насолзуваат очите. Порано во текот на својата кариера, кога ќе видев солзи, тоа малку ме вознемируваше. Почнував да поставувам прашања. Подоцна сфатив дека тука има нешто друго. А еве и што.

Џанел Каин била апсолвент на Универзитет во Флорида кога во 1991 година решила да истражи дали пуштањето музика на предвреме родените бебиња има некакво влијание врз нивниот апетит и раст. Тоа што го открила навистина било неверојатно. Бебињата изложени на музика не само што побрзо растеле, туку имале и помалку компликации. Освен тоа, тие бебиња биле пуштени од болница во просек пет дена порано во споредба со бебињата на кои не им пуштале музика.

Тоа е фасцинантно и важно откритие. Но уште поневеројатно било откритието дека момчињата и девојчињата не реагирале еднакво на музиката. Девојчињата што по раѓањето слушале музика ја напуштале болницата дури девет и пол дена порано од оние што не слушале. Кај момчињата, од друга страна, не била забележана никаква разлика. Зошто е така? Многу нови истражувања во текот на кои е мерен таканаречениот акустичен одговор на мозокот покажале дека девојчињата слушаат значително подобро, а особено ги слушаат оние звуци што се наоѓаат на распон меѓу 1.000 и 4.000 херци. А распонот од околу 15.000 херци е критичен за разбирање на човечкиот глас.

Ова може да биде една од поважните причини поради кои девојчињата главно ги развиваат говорните вештини пред момчињата. Но, дали сте знаеле дека учителите, често сосема несвесно, креираат опкружување за учење кое ќе се приспособи токму на оваа разлика меѓу момчињата и девојчињата?

Бидејќи девојчињата подобро слушаат одредени тонови од момчињата, учителите често избегнуваат во училницата да ги поставуваат да седат до ѕид или до врата, зашто ако некој во ходникот разговара, поголеми се шансите девојчињата да го слушнат тоа и така да се деконцентрираат.

Мажите (учители или не) треба да ги имаат на ум овие факти кога им се обраќаат на девојчиња. Ако го користат својот нормален тон, девојчињата можеби ќе мислат дека им викаат. Тоа е токму она што се случи со Ана.

Сфаќајќи зошто плаче, се наведнав покрај неа и ѝ реков дека не сум лут и дека не ѝ викав. Го спуштив тонот. Веднаш ме разбра и престана да плаче. Можеби оваа еволутивна разлика помеѓу момчињата и девојчињата довела до тоа тие да се разликуваат во начинот на кој ја прифаќаат критиката. Можеби девојчињата стануваат почувствителни бидејќи секој гласен тон за нив претставува викање.

А кога вашето момче следниот пат нема да ве послуша од прва, размислете, можеби не ве ни слушнало!

Автор: Крис Вондра

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top