Игротека

Зошто децата сакаат да градат шатори и тврдини и зошто е тоа добро за нив?

Како што растат, децата сакаат да имаат мирно, тајно место од кое не сакаат да си одат. Шаторот е нивното тајно скривалиште. Но, за оние креативните, тајните места се многу повеќе отколку само забава, велат експертите.

Шаторите отсекогаш биле дел од детството, вели Дејвид Собел, професор на одделот за образование на Универзитетот „Антиохија“.

Градењето тврдини ја поттикнува креативноста

Децата почнуваат да градат тврдини и шатори во затворен простор околу четвртата година од животот, а потоа на возраст од 6 или 7 години почнуваат да градат разни тврдини надвор, куќички на дрво и оваа практика продолжува и понатаму. Метафорично и физички, изградбата на тврдини го одразува растот на децата како индивидуи; тие создаваат „дом далеку од дома“ без надзор на родителите. Исто така, тврдините ја поттикнуваат креативноста.

Сите тврдини и шатори, според Собел, имаат заеднички карактеристики: самите ги направиле, тие се тајни и никој не ги гледа. Децата во нив се сигурни – и физички и емоционално.

Шаторите и тврдините се приватен и безбеден свет на децата. Исто така, тврдините и шаторите ја поттикнуваат играта, што е корисно за децата. Тврдините им помагаат на децата да го ресетираат мозокот, вели Керол Сток Крановиц, едукаторка и авторка на многу книги за детскиот развој. Темнината на шаторот го отстранува стимулот што не им е потребен и го зајакнува она што им треба – физичка удобност и осаменост.

„Не е дозволен пристап за возрасни!“

Преку оваа игра детето учи многу работи, тврди психологот Мајкл Тиел од Хамбург. Детето е ослободено од вродениот страв да не остане само. Според Тиел, детето мисли дека најлошото нешто што може да му се случи е да остане беспомошно, само и заборавено.

Криејќи се во шаторот или тврдината, децата го обработуваат овој страв и градат некаков нервен стимул – дали ќе бидат пронајдени? Децата се радуваат и кога враќањето во дневната соба или детската соба среќно ќе заврши.

– На овој начин децата учат за важноста на приватната сфера и доживуваат цела низа чувства на радост, забава и страв – затоа родителите треба да го поддржат ова – советуваат психолозите.

Значи, пред сè, треба да се почитува првото правило на шаторот: „Не е дозволен пристап за возрасни!“ Оставете ги децата непречено да играат. Нема ограничувања во имагинацијата, сè додека нема што да се скрши.

Извор

Поврзани написи

To top