Не бараме виновници оти ги знаеме и од едната и од другата страна, не гледајќи дека со тоа колатерална штета се децата, нашите ученици кои во сè помал број се вбројуваат во заеднички успешни приказни во врска со читањето – вели Матилда Бајкова, наставничка по македонски јазик и директорка на ООУ „Аврам Писевски“ од с. Бардовци

Матилда Бајкова

Ако едно дете од мало гледа дека читањето книги и списанија е присутно во навиките на неговите родители или старатели, тогаш тоа прво ќе почне со проста имитација, која секое дете природно ја прави, а потоа со текот на времето ќе ја развие во навика и стил на живеење. Истражувања за развојот на мозокот ја нагласуваат важноста од рано читање наглас, при што се забрзува растот и развојот на мозокот преку стимулации поврзани за вештината на читањето. Токму гласното читање е таа стимулација – вели м-р Матилда Бајкова, посветена наставничка која обрнува особено внимание на читањето преку разновидни секции и активности.
Со неа поразговаравме за тоа како децата да се мотивираат и да ги сакаат книгите.
Децата што се дружат со книгите подоцна прераснуваат во ученици кои се елоквентни, имаат критичко мислење, креативни се и логично ги поврзуваат работите од која било област, а што се однесува до чувствата, емоциите, вниманието, тие без сомнение се снаоѓаат и имаат желба и знаења како да ги изразат во средината, објаснува Бајкова, која е директорка на ООУ „Аврам Писевски“ во с. Бардовци.

Децата се колатерална штета

Но, не е само родителот клучен „играч“ во борбата за навиката за читање. Не треба да се стави во втор план улогата на учителот, кој е водич кон усовршувањето на овие вештини, вели Бајкова.
Факт е дека претходните генерации читаа многу повеќе, но тоа Бајкова го поврзува и со моментот и улогата на родителите, нивната посветеност, довербата и соработката со наставниот кадар, училиштето.
– Не бараме виновници оти ги знаеме и од едната и од другата страна, не гледајќи дека со тоа колатерална штета се децата, нашите ученици кои во сè помал број се вбројуваат во заеднички успешни приказни за читањето. Технологијата и нејзиниот развој си го прават своето, но и тука има начин како да се насочи да биде во корист на оваа важна нишка од развојот на детето. Не се согласувам дека со толкавиот наплив на технологијата децата остануваат оскудни и спречени да читаат. Забавата не е секогаш во немото следење на создадени содржини. Светот на технологијата треба да се искористи и да се консумира со мерка – вели наставничката по македонски јазик.
Неретко при упис на учениците се откриваат загрижувачки состојби. За секој проблем постои решение, но понекогаш времето е важен фактор за постигнување резултати, нагласува Бајкова.
– Никој не го оспорува ни моментот дека децата се претставници на својата генерација и дека секоја генерација си носи свој белег, но сè со мерка. Родителското присуство, интеракциите преку говор и читање со детето се со цел да го наметнеме моделот на однесување. Ако вие како родител постојано сте зафатени и стимулациите што ги добивате од детето ги занемарувате и ги заменувате со технологијата, тогаш мора да си признаете дека сте неуспешен родител, кој својот неуспех ќе го бара во пренесување на вината врз наставниците, училиштето за неуспешноста во успехот на детето. И тоа е магичен круг во кој единствена најголема штета претрпува детето – вели таа.

Бајкова заедно со актерката Тамара Ристоска, нејзина некогашна ученичка

Страста кон работата е клучна

Бајкова тврди дека за еден наставник да биде добар и успешно да се занимава со оваа професија, треба да е успешен и со децата.
– Се сметам себеси за успешна бидејќи сум добар пример и за мојата околина и за моите ученици во врска со љубовта кон читањето, стимулирањето за читање, будењето на сладокусецот во изборот на жанровите за читање, како и изборот на литературните родови. Рецептот за секоја средина и генерација е различен, методите исто така, но постои универзален модел кој е мојата успешна приказна за многу генерации на кои сум горда. Тоа е љубовта, страста што ја поседувам за мојата работа – нагласува наставничката.

 

Кога од коноп правите свилен фустан

Таа со голема посветеност ги воведува своите ученици во техниките на читање, разбирање, критичко и сопствено размислување, влегување во туѓите чевли (на ликовите), поврзаноста со современието и делата, погледот кон историјата и животот на писателот.
– Градењето на ликовите, емоциите, чувствата и сублимирањето на едно литературно дело. Дебати, соочувања со сензитивноста преку работилници. Протоколи за обработка. Палетата на избор, можноста да се запознае литературен период, епоха, низ поврзување на предзнаења, корелација со другите предмети што се изучуваат, можноста за истражување, есејско гледање на прашањата кои постојат на разглед во секое дело и кооперативноста како метод при обработка на содржина. Неретко интеракција со современи писатели од нашето опкружување. Има уште многу од низата мои наставнички тајни со кои учениците, вклучувајќи често и технологија, ги мотивирам да станат читачи, сладокусци во одредени жанрови и литературни видови во зависност од нивниот афинитет – вели Бајкова, која минатата година беше прогласена за најдобар просветен работник во Македонија.
Ако вистински си ја сакате својата професија, улогата како наставник, односно родител, тогаш тоа е клучот до успехот. Ако му го покажеме вистинскиот пат на своето дете, ќе успее да исплете сопствена успешна приказна, ако од коноп успеете да направите свилен фустан, тогаш сте успешен наставник кој мотивира, заклучува Бајкова.

 



912

X