Најголемата грешка што луѓето ја прават е кога велат дека се мрзливи родителите кои имаат голема доверба во своите деца и им даваат поголеми одговорности.
Ако припаѓате на овој тип „мрзливи“ родители, не грижете се. Оставете ги другите да ви судат како сакаат и продолжете да ги подготвувате вашите деца така што вие нема да им бидете потребни. А верувајте, тоа е најскапоцениот подарок што можете да им го дадете, секако покрај љубовта.
Родителите, всушност, ги потценуваат своите деца. Современите родители се опседнати со контрола и со распоред полн со различни активности (сопствени и оние на децата), немаат време да застанат, да се повлечат и да им дозволат на децата да прават грешки, да не успеат и да се обидат повторно.
Родителите се презафатени за да бидат мрзливи и да ги остават децата да чистат сами, сами да си ги врзат врвките, да си ги исчистат чевлите и да си ги закопчаат јакните. И со тоа им наштетуваат на децата бидејќи само деца што се третираат дека се способни, всушност, стануваат способни.
Сè започнува со тригодишно дете кое сака да помогне со садовите. Или со четиригодишно дете кое сака да го извади ѓубрето од кантата и да стави нова кеса, па му требаат 10 минути, наместо две ако родителот го направи тоа.
Потребно е трпение и решителност за да бидете мрзлив родител. Ќе ви направат неред, хаос, ќе скршат работи, за многу работи ќе биде потребно подолго време за да ги завршат. Но, на долг рок, вие им правите услуга на вашите деца.
Да, кога ќе му дозволите на тригодишно дете да ги среди играчките или да си подготви појадок, тоа нема да испадне совршено. Детето ќе се обидува да го направи тоа што е можно подобро, а вам нема да ви биде лесно да го гледате. Но, треба да го оставите. Затоа што воспитувањето способно возрасно лице не започнува кога детето ќе наполни 12 години. Започнува од три години кога детето сака да ви помогне во средувањето на садовите, а вие го губите трпението бидејќи така обврската ќе трае цела вечност, а постојат и големи шанси нешто да се скрши.
Затоа, направете си услуга и себеси и на вашите деца и бидете мрзлив родител. Повлечете се и оставете ги да се обидат.
912