Факт 1: Децата крадат. Малите деца, пак, тоа го прават почесто – поради слабата контрола на импулсивноста. Се работи за развојна фаза во која го земаат она што го сакаат. И постарите деца често крадат, но тоа не значи дека вашето дете е злобно или дека ќе го помине животот во затвор.
Факт 2: Се разбира дека тоа не е прифатливо. Засрамувачки е, претставува шок и предизвикува лутина. Во овој случај зборуваме за повремено крадење од мали размери. Децата крадат од многубројни причини:
– Слаба контрола на импулсивноста.
– За да бидат „кул“ и да ги импресионираат пријателите.
– Кога некој друг има нешто што тие го сакаат или им треба.
– За да му се одмаздат на некого.
– Кога сакаат или им треба нешто, немаат пари за тоа и не можат да си го дозволат.
– Кога се премногу исплашени за да побараат пари за одреден производ (кондом, градник) или се засрамени да го купат.
– Кога не можат да купат нешто легално (алкохол, цигари).
– Бидејќи е забавно, децата уживаат да преземаат ризици, а во општество кое се обидува да ги заштити децата колку што може повеќе, крадењето е ризична и возбудлива активност.
– Во време на стресни периоди. Што друго се случува во животот на детето?
Кога вашето дете ќе биде фатено како краде, обидете се да ја одвоите вашата емоционална состојба од самото дејство. Фактот дека вашето дете украло нешто не е одраз на вашите родителски вештини. Нека ве утеши фактот дека повеќето деца го прават тоа повремено, а и го прават тоа така што најчесто се фатени на дело.
Ако вашето дете треба да плати за штетата и нема пари, вие може да платите за штетата, но детето да ви го отплати долгот преку извршување на некоја задача. Бидете фер! Земете ги предвид повеќе последиците од лошото однесување наместо паричната вредност на штетата. Главната идеја е да го научите детето да не го прави тоа повторно.
Што може да направите ако вашето дете е фатено додека краде:
– Веднаш дајте му до знаење дека нема да толерирате такво однесување.
– Зборувајте со вашето дете. Обидете се да одредите зошто краде, која е мотивацијата, дали тоа го прави често, дали го правело и порано. Не плашете го, не засрамувајте го и не исмејувајте го детето, освен ако не сакате разговорот да заврши, а вие да немате никаква информација.
– Зборувајте за вредностите и етиката. Разговорот нека биде краток, не држете лекции, само потсетувајте.
– Детето нека го врати она што го украло, а вие помогнете му со тоа.
– Кажете му дека го набљудувате неговото однесување, дека малку се намалила довербата меѓу вас и дека треба да работи за да ја изгради повторно.
– Проценете ја ситуацијата. Бидете искрени со себе. Има ли некаква рамка во целата ситуација? Ако вашето дете краде почесто или крадењето е комбинирано со друго лошо однесување, побарајте професионална помош.
Приказни на родители
Мајката на Тони, Роксен, открила дека Тони украл колекција на стрипови од локална продавница која имала репутација дека нема никаква толеранција за крадење, па веднаш таквите случаи се пријавуваат во полиција. Обврска на Роксен е да го дисциплинира Тони да не го стори тоа повторно, а воедно и да го заштити. Пред да влезе да ги врати стриповите, таа се јавила во продавницата за да дознае за нивната политики за враќање на земените производи. Како родител, требало да одлучи дали приведување, судење и можно осудување е најдоброто нешто за Тони. Роксен разговарала со менаџерот на продавницата и се договорила Тони да ги врати земените производи, што го научило на многу важна лекција, но целиот процес за него нема да има екстремни последици.
Петгодишната Хана влегла дома со пакување гуми за џвакање во едната рака, комплет за поправка на очила во другата рака и израз на вина на нејзиното лице. Нејзиното дело само што било откриено од страна на татко ѝ кога излегувал од автомобилот. Било предоцна – немало време да се врати назад во продавницата таа вечер за да се вратат производите, па нејзините родители ѝ дале до знаење дека крадењето е неприфатливо, илегално и погрешно, па ги отстраниле украдените производи.
„Луѓето што крадат одат в затвор. Не ако се мали деца и најчесто не за мали работи, но можеш да бидеш уапсена“, ѝ рекла мајка ѝ. Стравот се испишал во очите на Хана. Следниот ден мајка ѝ ја однела назад во продавницата. По пат тие две го смислиле својот пристап.
„Ќе кажеш ти мамо?“, прашала Хана.
„Да, но ти ќе ги вратиш работите што ги украде“, ѝ одговорила мајка и. На касата Хана слушала како мајка ѝ вели: „Хана ги зела овие работи вчера без да плати за нив. Нејзе ѝ е жал и нема повторно да го стори тоа“.
За жал, службеничката не ја разбрал лекцијата што девојчето требало да ја научи. „Во ред е душо, не ни забележавме дека ги нема“, рекла таа.
„Не е во ред“, мајка ѝ реагирала. „Нелегално е и погрешно“.
Потоа службеничката рекла: „Ви благодарам што ги вративте производите“. На Хана ѝ рекла: „Не прави го тоа повторно“.
И покрај бавниот одговор на службеничката, Хана била силно погодена од ова искуство. Се обидела да експериментира, а резултатот од сето тоа за неа бил навистина алармантен. Бидејќи резултатот не бил задоволувачки, Хана никогаш не украла нешто по овој инцидент.