Здравје

Зошто детето има црвени образи? Тоа не е секогаш знак за добро здравје

Причините за појава на црвенило на образите кај децата можат да бидат различни – од сосема безопасни до сериозни здравствени состојби.

Црвените образи кај децата често се сметаат за знак на добро здравје, но понекогаш можат да бидат симптом на одредени здравствени проблеми. Факт е дека многу патолошки процеси во организмот можат негативно да влијаат врз состојбата на кожата, но тоа никако не значи дека треба да паничите ако забележите дека детето има црвени образи.

Зошто се јавува црвенило на образите?

Во најголем дел од случаите црвенилото не е причина за загриженост и е предизвикано од физиолошки фактори:

  • Престој во топла просторија или на сонце;
  • Промена на телесната температура – кога детето влегло во загреана просторија;
  • Никнување на заби – голема количина на плунка паѓа на образите, што предизвикува нивно црвенило;
  • Физичка активност – ако детето трчало, скокало или играло;
  • Храна – по обилен оброк може да се појави природно руменило;
  • Негативни емоции – кога детето е луто или плаче, лицето му се зацрвенува.

Физиолошкото руменило е поврзано со проширување на капиларите на кожата. Ова е нормална реакција на автономниот нервен систем на надворешни или внатрешни стимулации. Црвенилото во овие случаи е привремено и брзо исчезнува.

Патолошки причини за црвени образи

Иако руменилото најчесто е безопасно, понекогаш може да биде поврзано со некои болести.

Алергија

Алергиските реакции се случуваат кога имунолошкиот систем несоодветно реагира на некои надворешни супстанции наречени алергени. Црвената кожа на образите во овие случаи е еден од симптомите на алергиски дерматитис, воспаление на кожата. Најчести алергени се: прашина во домот, полен, одредена храна, влакна од миленичиња и лекови.

Атописки дерматитис

Поради слични симптоми, често се меша со алергија, но за разлика од алергискиот, атопискиот дерматитис е хронична состојба и најчесто е наследна. Се развива не само при контакт со алергени, туку и како реакција на емоции или затоплување на кожата. Црвенилото во овој случај е постојано, проследено со сува кожа и чешање.

Системски еритемски лупус

Оваа болест ги зафаќа сврзните ткива во телото. Може да се јави во адолесценцијата, а поретко и кај мали деца. Карактеристичен симптом е симетричен, црвен исип на образите кој наликува на крилја од пеперутка.

Настинка

Обична настинка и други вирусни инфекции кои често предизвикуваат покачена температура можат да доведат до црвенило на образите како последица на температурата, а не на самата инфекција.

Други заразни детски болести

Многу инфекции кај децата се проследени со еритем (црвенило), егзантем или исип на кожата, често локализиран на лицето и телото. Црвени образи можат да бидат симптом на скарлатина, сипаници, херпес. Исто така, се јавуваат и кај инфективниот еритем предизвикан од парвовирус, често наречен „болест на шлаканиците“ поради специфичното црвенило на лицето.

Цревни инфекции

Кога цревата се нападнати од бактерии или вируси, може да дојде до создавање токсични соединенија. Понекогаш тоа се манифестира со бледа кожа, но во други случаи токсините навлегуваат во крвотокот и се појавува црвенило на кожата, вклучително и на образите.

Демодикоза

Ова е инфекција на кожата предизвикана од микроскопски грини наречени демодекс. Тие ја населуваат површината на кожата, очните капаци и фоликулите со лојни жлезди. Се пренесуваат преку нечисти раце, пешкири или постелнина. Црвенилото обично е проследено со оток и чешање.

Што да направите ако детето има црвени образи?

Најдобро е да обрнете внимание дали му е студено, жешко, дали било физички активно или има покачена температура. Ако се работи за физиолошки причини, црвенилото брзо ќе помине. Но, доколку остане со денови, најдобро е да се обратите кај лекар, кој ќе го утврди точниот причинител.

Извор

Поврзани написи

To top