Воспитување

Зошто човечките бебиња се толку немоќни, додека кај другите цицачи се спремни да трчаат веднаш по раѓањето

Дали некогаш сте се запрашале зошто породувањето на жените толку боли и може да трае цел ден, а кај другите цицачи е речиси безболно и брзо се завршува. Зошто новородените човечки бебиња се толку немоќни, додека некои други набрзо по раѓањето се спремни да трчаат?

Зошто раѓањето на човекот толку се разликува од доаѓањето на свет на останатите цицачи? За да можеме да дојдеме до одговор, треба да се вратиме во далечното минато. Пред околу 4 до 6 милиони години човековите предци што живееле во шумите на Африка почнале постепено да се креваат од четвороножна положба и да вежбаат одење на две нозе. Таквата положба им овозможила да фрлаат, фаќаат и да држат предмети додека се движат, повеќе да допираат и истражуваат. Одеднаш станале поиздржливи и можеле подолго да се движат. Сè заедно драматично поттикнало развој на нивниот мозок.

Големиот мозок бара голема глава. А главата на човековото новороденче е толку голема и толку тешко поминува низ породилниот канал, што е нужно, движејќи се низ него, да ротира. Таа ротација на бебешката глава во текот на породувањето не се случува кај другите примати бидејќи карлицата им е доволно широка за бебето едноставно да помине. Промената на четвороножното одење во одење на две нозе предизвикало разновидни анатомски промени. Бутната коска го променила аголот така што стапалата се нашле точно под центарот на телото. Така полесно ги придвижуваат колковите и одржуваат рамнотежа при одењето. Нозете станале подолги, а ‘рбетот добил облик на латиничката буква S. Прстите на стапалата станале пократки и наредени во линија – веќе не служеле за фаќање гранки, туку за туркање на стапалото при чекорењето. Карлицата го променила обликот, станала исправена, многу тесна и неповолна за раѓање. Кај мажите таа е уште потесна и погодна за брзо движење, додека кај жената колковите се пошироки за да можат да раѓаат деца. Нашите новороденчиња, за разлика од останатите цицачи, по раѓањето не можат самостојно да се движат, да јадат или да прават што било друго, без разлика што мозокот на човечкото бебе е далеку поактивен во однос на животинското. Потребни се уште неколку месеци за бебињата да почнат да ги прават првите значајни движења, а цела година за да почнат да одат. Причина за тоа е фактот што бебињата се раѓаат во рана развојна фаза, понезрели во однос на животните.

Зошто е така? Тешкото породување и раѓањето незрели бебиња е резултат на токму споменатите еволутивни промени. Мозокот на бебето е голем, а карлицата на мајката тесна. Кога бебето би се раѓало во иста развојна фаза како повеќето цицачи, не би можело да помине низ породилниот канал. Кога мајчината карлица би била поширока, мајката не би можела да се движи доволно ефикасно на две нозе. Ова објаснување – таканаречена акушерска дилема – почива на нужниот компромис на две барања: породувањето почнува кога бебешката глава толку пораснала што едвај поминува низ породилниот канал и затоа породувањето се одвива бавно и е болно, а бебињата се незрели. Така незрелите бебиња се неспособни за живот без големо ангажирање на мајката; во текот на првите години продолжуваат да растат и да се развиваат со темпо кое е слично на она додека биле фетуси.

Истовремено, телата на новородените бебиња се исто така многу големи во однос на телото на мајката. Сето ова ги наведува научниците на заклучок дека мајките во текот на бременоста и породувањето доаѓаат до своите метаболички граници. Со така тешко породување и постпородилен период кога мајката предано се грижи за детето доејќи го толку често што тоа за една година пораснува околу 25 сантиметри и ја зголемува својата маса, не чуди тоа што милиони години жените често раѓале само по едно дете. Се претпоставува дека значајната промена во начинот на животот, големината на семејството и популацијата се случила дури многу подоцна, во текот на неолитската револуција која почнала околу 10 илјади години пред наша ера.

Човекот, кој дотогаш бил номад и живеел од лов и собирање плодови, почнал да прави постојани населби и да одгледува житарици. Иако живеел побезбедно и полесно, промените што тогаш се случувале сугерираат дека квалитетот на животот опаднал. Имено, неговата исхрана станале помалку разновидна – доминирале житариците наместо најразличните плодови. Човекот живеел пократко, многу болести преминале од стоката на луѓето и брзо се ширеле во густите населби. Сепак, во однос на номадите, ловците-собирачи, луѓето од неолитот имале сигурност. Бидејќи не биле постојано во движење, жените полесно се грижеле за децата, имале повеќе храна и време и можеле да раѓаат повеќе деца.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top