Отуѓувањето помеѓу браќата и сестрите е изненадувачки честа појава, па поради тоа ви пренесуваме неколку приказни за односите во семејството.
Американката Хоуп Ризинг порано се плашела од празничните вечери со своето семејство. Всушност, нејзината постара сестра ѝ го загорчувала секој оброк со иронични коментари за речиси сè што Хоуп ќе кажела или ќе направела. По еден оброк исполнет со навреди, нивниот татко ја замолил сестрата да се извини или да замине. Наместо да се извини, таа си заминала, заедно со своето семејство. Хоуп повеќе не разговарала со својата сестра до моментот кога заболела од рак, што било 14 години подоцна.
Во многу семејства односите меѓу браќата и сестрите се распаѓаат. Некогаш лошата врска од детството прераснува во незадоволство, а понекогаш е едноставно разлика во карактерите. А може да се случи и проблемот да биде грижата за родителите или наследството.
Кога психологот Даниел Шо од Универзитетот во Питсбург, кој ги проучува односите меѓу браќата и сестрите кај децата, зборувал за своето истражување на радиоемисии, тој бил изненаден кога добил повици од возрасни луѓе кои сакале да зборуваат за болката од нивните односи со браќата и сестрите.
Некои луѓе ја кријат својата отуѓеност затоа што е тешко или непријатно да се објасни. Синтија Донели, личен тренер од Њујорк, се скарала со нејзиниот брат откако тој ѝ пратил порака пред летот која гласела: „Се надевам дека твојот авион ќе се сруши“. И покрај тоа, ѝ било жал што ги прекинале сите контакти.
Како ривалството помеѓу браќата и сестрите се претвора во расправија?
Кога се деца, браќата и сестрите се караат.

– Способноста да се карате со вашиот брат или сестра и да ги решите овие конфликти може да биде важно развојно достигнување – вели психологот Лори Крамер од Универзитетот во Илиноис. Браќата и сестрите кои никогаш не учат да управуваат со овие конфликти се изложени на најголем ризик од семејно отуѓување кога ќе пораснат – вели Кетрин Конгер, директорка на семејната истражувачка група на Универзитетот во Калифорнија.
Мајката има фаворит
Донекаде е виновна еволуцијата. Браќата и сестрите стануваат ривали додека се натпреваруваат за еден од најважните ресурси во животот: родителската грижа.
Според истражувањето на Пилемер, две третини од мајките имаат омилено дете. Кога фаворизирањето е очигледно или толкувано како такво, браќата и сестрите имаат поголема веројатност да се отуѓат.
Сепак, постои разлика во тоа како браќата и сестрите гледаат на сопствениот возрасен живот, вели психологот Џошуа Колман. Имено, оние со успешни кариери и исполнети животи поретко се фиксираат на минатото. Значи, поуспешните луѓе се со поголема веројатност да простат затоа што го оставаат минатото онаму каде што припаѓа – во минатото.
Да се смират или не?
Целосното отсекување на братот или сестрата, без разлика колку е заслужено, има сериозни последици. Оние што иницираат семејно отуѓување честопати чувствуваат длабоко жалење подоцна.
Факт е дека браќата и сестрите и кога се отуѓени, сепак на некој начин чувствуваат приврзаност и потреба за комуникација и добар однос.