Малите деца се неверојатни: не оставаат без здив со својата љубопитност, креативност, длабоко соживување со она што го прават, внатрешна мотивација, неочекувано луцидни коментари, начинот на кој го разбираат светот околу себе, на кој решаваат проблеми, учат од сè што ги опкружува… А потоа почнуваат да одат на училиште и сите тие сјајни особини како одеднаш да исчезнуваат. Како бистрото, паметно дете на училиште одеднаш „оглупавува“ и родителите мораат со него повторно во прво одделение?
Да тргнеме со ред. Како малото дете учи да зборува? Не, немојте да се залетате, па да кажете дека учи така што го слуша зборот, па го повторува. Со тоа не се објаснува како малото дете е во состојба да ги одбере и да ги поврзе зборовите во совршено правилна граматичка структура на речениците кои никогаш претходно не ги слушнало. Говорот почнува во моментот кога детето самото ќе го сфати алгоритамот на реченицата. Првата освестена реченица што детето ја кажало е, на пример: „бу“. Тоа што „бу“ за нас не е реченица и нема никакво значење, но не значи дека е така и за детето – тоа со тој збор некого довикува, нешто бара, нешто одбива, изразува некое свое расположение. Првиот алгоритам што детето ќе го сфати самото е кога сака да разговара како што тоа го прават возрасните, мора да научи да ги покрене говорните органи и да произведува некои точно одредени звуци. Потоа само го сфаќа алгоритамот на нижење на тие звуци во мали структури – зборови, па нижењето на тие мали структури во поголеми – реченици. Па почнува самото да ги разбира алгоритмите на прашалните реченици и потоа и другите…
Да кажеме дека сте дете и дека не ја знаете глаголицата. Би можеле ли сепак да ја решите оваа задача?
Родителите на ученик веднаш би се побуниле кога би виделе таква задача. Можеби дури и би ја пријавиле учителката поради злоупотреба. Дете загрижено за оценката на тестот веднаш би викнало: Не може да ни ја дадете таа задача, тоа сè уште не сме го учеле! А за да се реши таква задача, воопшто не е потребно да се знае глаголицата, потребно е да се сфати алгоритамот. Па така, да се направи истото што и бебињата го правеле додека учеле да зборуваат. Некои претшколски деца ќе го сфатат веднаш самите, некои ќе имаат потреба од мала помош со приказната дека во тие четири кратки реда се скрила една слика од горниот, долг ред. Таа слика треба да се пронајде и да се заокружи црниот знак пред неа. Детето од претшколска возраст кое не знае букви, а одлучило да ја реши оваа задача, има способност да забележи дека:
– Во долгиот ред има многу мали слики (букви) кои се одвоени едни од други (зборови) и дека групите на такви слики малку се разделени од другите групи.
– Во кратките редови има само една група на слики (збор).
– Во кратките редови нема ниту една група на слики (зборови) која изгледа како првата во долгиот ред… ниту како другата… сите кратки редови започнуваат или со сликичка која потсетува на птица или со сликичка која потсетува на чешел.
– Во вториот краток ред се повторува претпоследната група на сликички (збор) од долгиот ред.
– Во другите кратки редови не се наоѓа ниедна друга група од долгиот ред.
– Групата од вториот ред по нешто е поважна од другите и веројатно тоа е решението на задачата.
За решавање на таа задача, значи, не требало да се знае и повторува запомнетото, требало само да се забележи, да се размислува и да се уочи алгоритам. Ние, всушност, ги навредуваме децата кога не веруваме дека се способни за тоа.
Современиот француски филозоф Жак Раниер во книгата „Учител незнајко“ вели дека секојпат кога толкуваме нешто што ученикот можел да го сфати и без нашето толкување, ние всушност му испраќаме порака дека го сметаме за неспособен. Го навредуваме. Го потценуваме неговиот ум. Му ги сечеме крилјата и го дизајнираме според своите скромни очекувања.
Кога ученикот го сметаме за неспособен, тогаш горната задача изгледа вака:
„Прочитај што сè се наоѓа на сликата. Заокружи ја буквата пред зборот што означува нешто од сликата.
На сликата се наоѓаат глушец, дожд, стап, шума и шал.
А) Капа
Б) Шума
В) Кош
Д) Стап
Замислете своето паметно дете, своето прваче кое веќе знае да ги наброи планетите на Сончевиот Систем, кое пред вас сфатило некои функционалности на вашиот паметен телефон, кое на англиски знае да ги пее своите омилени песни од цртаните… кога ќе добие задача, од него да не се очекува да размислува и да открива, туку само да го направи она што му е кажано. Ако доволно упорно продолжуваме со таквите навредливи типови на задачи, сосема е сигурно дека по некое време успешно ќе го одучиме од размислување, од откривање и од радоста што притоа ја чувствувало. Ќе го одучиме од природниот начин на учење и ќе го научиме да ги помни зборовите и содржините наместо да се внесе во нив и да открива алгоритми.
Па така: прво ќе го заглупавиме (не верувајќи дека е способно самостојно да размислува), а потоа ќе му дадеме микрочипови да научи да кодира за да научи да размислува во алгоритми!
Како бебињата учат да одат? Ползат, па се обидуваат да станат, па паѓаат, па повторно се обидуваат да станат, па паѓаат… Дали на детето по 50. или 100. обид сме му рекле дека нема дарба за одење и дека е подобро да се откаже? Дали за него во градинка сме барале приспособена програма за ползење? Дали сме го клукале со таблети поради нарушување во одењето? Зошто не? Затоа што сме верувале дека е способно самото да научи. Зошто престанавме да веруваме во тоа?
Автор: Динка Јуричиќ
912