Често се случува бебињата, дури и најмладите, да киваат неколку пати во текот на денот, па дури и неколку пати по ред. Но, тоа не значи дека настинале или дека се болни, и постојат други причини за тоа.
Кога бебето ќе кивне, многу родители веднаш размислуваат дали му е ладно, дали треба да го облечат или се прашуваат дали е настинато. Меѓутоа, понекогаш кивањето нема никаква врска со болести и не треба да се грижите ако нема други симптоми.
Бебињата често киваат, а тоа не значи дека се настинале. Кивањето е рефлекс на организмот кој помага да се ослободат дишните и носните патишта. Воздухот што го вдишуваме е полн со нечистотии како прашина, загадувачи и хемиски издувни гасови, кои бебињата ги исфрлаат преку кивање. Ако твоето бебе често кива, а не покажува други симптоми на настинка или болест, не треба да се грижиш – тоа е сосема нормално.

– Кивањето не е симптом на болест, туку е резултат на иритација на носната слузница. Ако нешто ги пречи во носот или ги чеша, бебињата киваат – објаснува педијатарот Џиована Армано.
Најчести причини зошто бебињата киваат
Мали носиња – новороденчињата имаат тесни носни канали и често прашината им ги блокира дишните патишта. Кивањето им помага да се ослободат од неа.
Хигиена на носот – бебињата не знаат да дишат низ устата. Затоа е важно носот на бебето редовно да се чисти.
Затнат нос – ако е затната само едната ноздра, бебето може да кивне за да го ослободи притисокот. Кога бебето цица, едната ноздра може да биде затворена поради притисокот од мајката. По доењето, бебето може да кивне за да ја отвори ноздрата.
Сув воздух – во зимски периоди, кога се користи централно греење, воздухот во домот може да биде сув, што може да предизвика кивање. Затоа се препорачува да се навлажнува воздухот во собата на бебето и да се користи физиолошка сол.
Нешто што го иритира – прашината и чадот од цигари можат да предизвикаат иритација и кивање. За да се избегне ова, важно е редовно да се проветрува просторијата и да се избегнува пушење во близина на бебето.
Алергии – понекогаш кивањето е резултат на сезонски ринитис, односно алергија на полен. Ова може да доведе до воденест исцедок од носот и кивање.
Болести – кај новороденчињата инфекциите на горните дишни патишта, исцедокот од носот и кивањето се чести симптоми на настинка. Тие имаат слаб имунолошки систем и се подложни на болести, особено ако се изложени на заразени возрасни лица.
Кај постарите деца, кивањето може да биде знак на алергија, особено во време на цветање на некои растенија. Ако кивањето се јавува сезонски, тоа може да биде знак на алергија, па треба да се консултирате со педијатар.
912