Игротека

Зошто родителите од бејби-бум генерацијата им премолчуваат важни и тешки вести на своите веќе возрасни деца?

Терапевт од генерацијата милениумци, откако забележала ист образец на однесување и кај своите клиенти и во сопствениот живот, одлучила на „Тик-ток“ да им постави едно прашање на родителите од генерацијата бејби-бум: Зошто често премолчуваат важни и тешки вести пред своите веќе возрасни деца.

Генерациски недоразбирања

34-годишната Мери Бет Сомич, лиценциран терапевт со повеќе од една деценија искуство, забележала дека родителите родени меѓу 1946 и 1964 година упорно прават нешто што таа никако не може да го разбере.

Во своето видео, Сомич преку низа кратки скечеви ги глуми родителите кои, речиси случајно и без голема тежина, им соопштуваат сериозни вести на децата, на пример: „Татко ти денес имаше операција на срцето“. Објаснувањето секогаш е исто: не сакале да ги загрижуваат децата.

– Многу бејби-бумери пораснале со уверување дека љубовта се покажува така што обезбедуваш и штитиш, а не преку зборови, ранливост или отворена комуникација – ја објаснува Сомич причината за ваквото однесување.

Оваа генерација израснала во култура во која независноста, емоционалната воздржаност и тивкото решавање проблеми биле знак на сила. Искрено веруваат дека им прават услуга на децата кога не им зборуваат за здравствени или други сериозни проблеми бидејќи споделувањето такви информации го доживуваат како непотребно оптоварување.

Помладите генерации, од друга страна, пораснале во сосема поинаква средина во која многу поотворено се зборува за чувствата, менталното здравје и ранливоста. Затоа ваквиот молк често го доживуваат како исклучување или недоверба. Додека бумерите мислат дека штитат, децата всушност се чувствуваат посигурно кога се вклучени.

„Двојно вознемирени“

Премолчувањето важни информации, објаснува Сомич, кај милениумците и генерацијата З може да предизвика чувство дека се „двојно вознемирени“. Освен што се загрижени поради самата вест, тие чувствуваат и нарушена доверба затоа што информацијата била скриена од нив. Тоа може да доведе до лутина, тага и чувство на предавство.

Видеото што го објави со прашањето „Со сета почит, зошто?“ силно одекна меѓу корисниците и доби повеќе од 103.000 лајкови и речиси 13.000 коментари.

Сомич вели дека станува збор за социјален и културен феномен со кој се среќава и приватно и професионално. Фрустрацијата на нејзините клиенти ја поттикнала да го сними видеото за подобро да ги разбере бумерите, но и да им покаже на милениумците дека не се сами во ваквите искуства.

Менталниот товар на денешните родители

Сепак, таа нагласува дека родителството денес е ментално понапорно од кога било. Помладите родители се изложени на непрекинат прилив од стручни совети, спротивставени правила и притисоци што доаѓаат и од социјалните мрежи и од експертите.

– Бомбардирани се со совети за сè: од спиење, исхрана и технологија, до безбедносни препораки и прашања поврзани со развојот на детето – вели таа. Дополнително, постои и поголема свесност за траумите, приврзаноста и менталното здравје, што уште повеќе го зголемува притисокот.

И можеби токму затоа бумерите мислат дека ги штитат своите деца така што не им зборуваат за сопствените проблеми и не сакаат да им додадат уште еден товар на веќе преполната листа на грижи.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top