Кога последен пат сте јаделе нешто и сте биле обземени од чувство на неописливо задоволство или ви се вратиле убави спомени? За многумина, храната е едно од најголемите задоволства во животот.

Сепак, уживањето во храната и барањето утеха во неа не е исто.

Психолошката заднина на јадењето од задоволство

Со години се спроведуваат студии на тема јадење од задоволство, а нивните откритија можеби ќе ве израдуваат.

Физиолошки, чувството на задоволство предизвикано од храната се јавува и во устата и во мозокот. Појавата на задоволство од секаков вид, дури и од храната, доведува до ослободување на допамин (хормон на задоволство) во мозокот, предизвикувајќи поттикнување на чувството на среќа, како и смиреност, мотивација и фокусирање.

Извори од 2011 година покажуваат дека дебелите луѓе можеби имаат нарушена чувствителност на допамин, што би значело дека им е потребна поголема количина на храна за да се предизвика чувство на задоволство. Во овој случај, зборуваме за прејадување и практично барање утеха во храната.

Кога хемиските процеси во мозокот функционираат правилно, чувството на задоволство предизвикано од храната може да доведе до поефикасно варење и апсорпција на храната во телото.

Емотивно задоволување преку храна

Храната која се внесува исклучиво како гориво, кај човекот остава празнина во мозочните клетки и често завршува со тешко чувство во стомакот. Храната е многу повеќе од само гориво и се користи за задоволување не само на физичките и нутритивните потреби на нашето тело, туку и за емоционалните потреби. Во следните редови ќе видиме како.

Уживањето во храната ја зголемува социјалната поврзаност – собирањето на семејството и пријателите околу масата е една од најважните работи во човековата природа. Сите ја знаеме изреката „послатко е во друштво“. Истражувањата покажуваат дека оброците во друштво го зголемуваат чувството на среќа.

Уживањето во храната нуди физичка и емоционална смиреност – во моменти на тага, нерасположение или кога сме болни, чинија топла пилешка супа или пак омиленото јадење што ни го подготвувале нашите мајки и баби, дури и во зрелоста, ни овозможуваат чувство на топлина и безбедност.

Уживањето во храната ги разбива негативните ограничувања на „држењето диети“ – едно од непишаните правила на „диетите“ е дека во друштвото на заедничките оброци треба да кажеме „не“ на храната што ја сакаме, особено на висококалоричната храна. Во овој случај, човекот не ужива во храната, но не ужива ниту во друштвото. Кога ќе станеме свесни за нашиот однос со храната и ќе си дозволиме да уживаме во неа, нашето тело учи дека ќе го добие она што навистина му треба. Давањето дозвола да се јаде храна која е „забранета“ или „лоша“, претставува важен чекор во кршењето на негативните окови на „диетата“. Кога свесно ја јадеме омилената торта во друштво, помали се шансите дека во состојба на незадоволство, несвесно ќе се прејадеме.

Уживањето во храната нѐ поврзува со традицијата и културното наследство – години наназад, сигурни извори тврдат дека чувството на припадност е исклучително важно за менталното здравје. Културата и традицијата служат за градење врски и со другите и со самите себе. Ограничувањето на храната што нѐ поврзува со традицијата и културното наследство може да доведе до отуѓеност и осаменост. Отфрлајќи ја традиционалната храна, не само што велиме дека храната е лоша, туку истото го велиме и за нашиот идентитет. Затоа е важно да се прифати традицијата во исхраната и на тој начин да се зајакне чувството на слобода и припадност, што е многу важно за нашето ментално здравје.

Уживање во храната или барање утеха

Важно е да ја знаеме разликата помеѓу овие два вида задоволство.

Уживањето во храната е кога јадете сладолед во топол летен ден, кога јадете јаболко штотуку набрано од дрво и секој залак изобилува со природен сок, или кога јадете кифличка штотуку извадена од рерна, која за време на печењето ве искушувала со опоен мирис.

Барањето утеха во храната е кога по емотивно исцрпувачкиот ден се обидувате со внесувањето храна да го предизвикате чувството што ви недостига (сигурност, среќа, љубов), а преку тоа често не сте свесни колку сте изеле.

Автор: Дијана Радетиќ/ нутриционист диететичар

Извор



912

X