Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Сакам да прашам што може да е причина за 6-месечно бебе да чкрипе со забите? Има 6 запчиња и седмото е веќе пробиено, но не знам зошто така прави. Го прави тоа само преку ден, во спиење не. Што да направам?

ОДГОВОР: Почитувана мајка, тоа е периодот кога на бебето му растат забите и го чешаат непцата и најчесто поради тоа што не може да ги чеша, постојано ги трие забите и изгледа нервозно. Најдете нешто што ќе му ја олесни болката, на пример, нека гризе нешто, а вие обидете се да гледате на тоа како на развоен процес кој можете само да го олесните, но не и да го спречите. Воедно, во тој период, кога детето е вознемирено, најмногу му помага телесен контакт со мајката и чувство на комфор. Доколку сте во можност, обезбедете му го секогаш кога ќе ја почувствувате нервозата која му ја создава растењето на запчињата.

Никако не треба да се обидувате да го карате или коригирате, туку да се обидете да го насочите на нешто со кое би ја изразило таа нервоза, а притоа тоа не сте вие, или нешто што би го загрозило на некој начин, на пример, да гризе некоја гумена играчка, да ги гризе и тегне играчките и сл. Притоа обезбедувајте му доволно отпор и од ваша страна за да му биде позабавно. Обидете се на оваa орална агресија да гледате како на нормален развоен процес, развојна фрустрација, која децата ја надминуваат, најмногу кога не креираат огромна вознемиреност кај родителите, пред сѐ кај мајката. Верувам дека ова е прво ваше искуство како мајка и сѐ уште учите што подразбира и бара таа нова улога во вашиот живот.

Со колку поголема сигурност гледате на развојните промени кај вашето дете, не се плашите од нив и се обидувате да најдете разбирлив и развоен одговор и решение, толку и вие повеќе ќе се смирите и детето ќе биде посмирено. Контактирајте и со другите мајки за да ви споделат некое нивно искуство со ова прашање. Исто така, и педијатарот може да ви даде соодветни насоки или да ве поддржи да гледате на оваа појава како на најнормална во развојот на детето. Не плашите се од тие развојни фрустрации, низ нив детето учи и се осознава себеси и го осознава светот.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X