За бремените жени не е ништо ново доживувањето промени. Промени во расположението, телото, хормоните, апетитот итн. Дали е изненадување ако се каже дека и имунолошкиот систем исто така се менува?

Неодамнешни истражувања посочуваат дека силен имунолошки систем е клучен за успешна имплантација. Како и да е, кога тоа ќе се случи, следните 15 недели може да бидат ранлив период за жените. Нивниот имунолошки систем е репресиран и се концентрира на новиот фетус. Ова е всушност добра работа. Така бебето е безбедно бидејќи телото не мисли дека има туѓо тело во себе. За среќа, имунолошкиот систем на жената се враќа во полна сила кога доаѓа време за породување. Но, што се случува во периодот помеѓу? Како може да кажете дека имате слаб имунитет?

Во текот на бременоста имунолошкиот систем на жената е компромитиран. Бремените жени се посклони на одредени болести, на пример, уринарни инфекции, труење со храна, зачестени настинки и грип. Д-р Џејмс Бетони, експерт за високи ризици кај фетусот, истакнал: „Измените во имунолошкиот систем резултираат со зголемена подложност на одредени бактериски и вирусни инфекции“. Добрата вест е што иако мајката се разболува, тоа не значи дека и бебето ќе се разболи. Прашање е како да знаете дека сте болни, или едноставно искусувате нормални болки во бременоста?

Генерално правило е кога се сомневате, да се консултирате со вашиот лекар. Откако ќе ги опишете симптомите, лекарот ќе може да ве информира дека веројатно доживувате нормални процеси кои се јавуваат во бременоста. Можеби ќе бара од вас да дојдете на повторна проверка, но нема ништо лошо во тоа да му се обратите на вашиот лекар. Токму тоа е негова задача, да одговора на такви повици во секое време. Следните симптоми се важни и служат како повик да се обратите на лекар:

– Температура повисока од 38 степени.
– Кашлица која е придружена со кивање и/или болка во градите.
– Кашлица од која произлегува слуз со различна боја.
– Неможност за спиење, немање апетит повеќе денови.

Можеби сте болни во текот на бременоста, а сепак немате потреба од професионална медицинска помош. Вообичаена настинка во бременоста е едноставно вообичаена. Се појавуваат истите симптоми, а и заздравувањето е исто како и кај вообичаена настинка. Се одмарате, пиете течности, земате витамин Ц, повеќе цинк и свеж воздух. Ако сакате да земете некаков лек, секогаш прво консултирајте се со својот лекар.

Иако не можете да го промените фактот дека вашиот имунолошки систем е компромитиран во текот на бременоста, секако можете да преземете мерки на претпазливост за да ја зголемите можноста за добро здравје.

Задолжително е миењето раце. Редовните посети на лекар се исто така важни. Земањето на потребните витамини и здравата исхрана се приоритет. Желбата за брза и нездрава храна може да ви се зголеми во бременоста, но треба да се трудите да не потклекнувате и секогаш да се одлучувате за свежо овошје и зеленчук. Уште една намирница што треба да ја консумирате редовно се бадемите. Тие се богати со хранливи материи кои ја зголемуваат енергијата. Богати се и со калциум и фосфор, кои ги зајакнуваат коските и забите. Извор се и на фолна киселина, која е клучна за здравиот развој на мозокот на бебето и целиот нервен систем.

На крај, бидејќи имунолошкиот систем е загрозен во текот на бременоста, идните мајки треба да водат грижа за себе. Тоа е тешка задача, особено ако веќе имате дете дома. Сепак, треба да наоѓате време за себе, да се храните здраво и да се сакате себеси, особено во периодот кога во вас се креира нов живот. Дајте си најдобра шанса да бидете и да останете здрави.

Автор: Ана Мисурели



912

X