Секој родител го сака најдоброто за своето дете, да му ги обезбеди сите можности и луксузи кои нему лично му биле скратени. А за да им овозможат на децата да го постигнат сето тоа, многу родители често ја нагласуваат дисциплината и строгата рутина. Сепак, експертите предупредуваат дека одредени „негативни“ или „лоши“ особини всушност значат дека вашето дете веќе е во предност.
Неуредно јадење, џагор или голема разиграност се знаци дека вашето дете напредува во развојот и постои голема веројатност дека е понапредно од своите врсници. И покрај фактот дека ваквото однесување е нешто со кое родителите се борат и често го поврзуваат со лоши навики, тоа всушност е добра работа. Постојат некои не толку очигледни знаци кои покажуваат дека вашето дете е емоционално и интелектуално развиено, односно понапредно од другите деца на негова возраст.
Има многу енергија
Сите знаеме дека има деца кои постојано се во движење и никако не можат да се смират. Иако ова е проблем за повеќето родители бидејќи им е тешко постојано да трчаат по своето дете, експертите објаснуваат дека токму оваа особина би можела да биде јасен показател дека детето е понапредно. Имено, ако вашето дете има многу ентузијазам и енергија и едвај чека да го започне денот или да се вклучи во омилените активности, тоа е добар знак.
Одржува долг контакт со очите
Овој знак можете да го забележите во првите месеци од животот на детето. Експертите објаснуваат дека ако вашето дете ве гледа додека учи подолго време, без да гледа подалеку, тоа може да биде јасен знак дека е интелигентно. Имено, бебето кое сака долг контакт со очите е свесно за својата околина и внимателно набљудува што се случува. Постоењето на таква свест на рана возраст сигнализира дека вашето бебе брзо се развива.
Сака да муабети
Следниот пат кога ќе го критикувате вашето дете дека премногу зборува, запомнете дека тоа може да биде јасен знак дека вашето дете е понапредно од неговите врсници. Имено, децата во напреден развој претпочитаат да разговараат со луѓе кои се постари од нив, односно возрасни. Тие може да бараат наставник или постар пријател на училиште за да разговараат. Таквите деца имаат тенденција да гравитираат кон длабоки разговори за теми што ги интересираат, наместо едноставно да си играат со деца на нивна возраст, велат експертите.
Има добри моторни вештини на рана возраст
Активностите како насмевка, движења, па дури и облекување вклучуваат клучни моторни вештини кај секое дете. Значи, секој напреден моторен развој на вашето малечко вклучува раст и зајакнување на неговите мускули и коски. Исто така, важно е да се спомене неговата способност лесно да го истражува светот. Една студија спроведена на оваа тема покажала дека фините моторни вештини може да се поврзат со повисока интелигенција во зрелоста.
Често покажува емоции
Никој не сака да го нарекуваат плачко. Но, дали знаете дека да се биде емотивен и чувствителен е всушност добра работа? Многу претходни студии покажуваат дека емоционалната интелигенција на децата е поврзана со нивните интелектуални способности. Ако вашето дете е исклучително чувствително на емоции, без разлика дали се работи за негови или туѓи емоции, тоа може да значи дека има висока емоционална интелигенција, но и дека е многу понапредно од децата на негова возраст.

Има необични интереси
Ако вашето дете има необични интереси или хобија кои се разликуваат од оние на неговите врсници, дури ни случајно не обесхрабрувајте го да го прави тоа. Имено, ова е и еден од знаците дека вашето дете би можело да биде напредно. Со необичниот интерес детето покажува дека е интелигентно и љубопитно, а ако забележите дека е опседнато со одредена тема или дека постојано се занимава со одредено хоби, голема е веројатноста дека е љубопитно и со отворен ум. Тоа, исто така, може да биде знак дека вашето дете е исклучително ментално развиено бидејќи е фокусирано на широк спектар интереси и способно да учи за светот околу него.
Прави неред додека јаде
Сигурни сме дека не сте премногу среќни кога вашето дете прави неред додека јаде, но тоа всушност може да биде добар знак. Како што објаснуваат експертите. Истражувањето на оваа тема покажало дека бебињата на 16-месечна возраст учат додека се во интеракција и неред со предметите, особено кога станува збор за храната. Бебињата кои интензивно комуницираат со храната подобро ги разбираат предметите околу нив и полесно ги препознаваат во иднина и во различни средини.