Воспитување

Знаци дека сте премногу заштитничка мајка: и покрај вашите добри намери, ова однесување е лошо за децата

За мајките, безбедноста на нивните деца е најважна работа на светот. Сепак, некои мајки имаат потреба да бидат претерано заштитнички настроени кон своето потомство и, иако тоа доаѓа од нивната најдобра намера, лошо влијае врз најмалите, за што во голем дел зборуваат експертите.

Исто така, експертите велат дека мајките кои можеби не биле доволно заштитени во детството, сега претерано ги штитат своите деца, а еве како може да се препознаат:

Премногу контролираат

Мајката што е премногу заштитнички настроена кон своите деца не може да одолее, туку се обидува да ги контролира и да влијае врз сите одлуки на нејзините деца. Можеби не им дозволува да одбираат што ќе облечат или не им дозволува да се дружат со пријателите по училиште од страв да не направат нешто опасно.

Постојано загрижени за безбедноста на децата

Друга работа што ја прави ваквата мајка е тоа што таа постојано е загрижена за безбедноста на своите деца. Можно е во детството да морала сама да помине низ некои непријатни ситуации, поради кои се чувствувала несакана и неценета. Затоа сега би сакала постојано да биде со своите деца, да ги чува, од љубов и страв.

Не дозволува децата да бидат тоа што се

За оваа мајка, нејзините деца се центарот на универзумот, и како резултат на тоа, многу ѝ е тешко да дозволи едноставно да бидат тоа што се. Во нејзиниот ум, децата кои растат како „свои луѓе“ го напуштаат домот и заминуваат во светот од кој таа се обидува да ги заштити. Поради оваа причина, оваа мајка се труди со сите сили да се погрижи нејзините деца да останат само деца, што може да има лоши последици врз нив во одреден временски период. Колку и да е тешко, малите треба да ги развиваат сопствените интереси, сами да донесуваат одлуки.

Не може да ги остави да заминат од дома

Кога родителите размислуваат за времето кога нивните деца ќе го напуштат домот, тие обично плачат бидејќи навистина не е лесно. Сепак, напуштањето на родителскиот дом заради независност или образование е нормален чекор, но мајката која е презаштитнички настроена кон своите деца едноставно не може да го прифати тоа. Наместо да ги охрабри на тој чекор, таа ќе им влее сомнеж и страв, што ќе им го отежни осамостојувањето.

Нуди премногу емоционална поддршка

Жените кои можеби не добивале доволно емоционална поддршка од своите родители во детството сега се трудат максимално да се погрижат на нивните деца никогаш ништо да не им недостига. Сепак, ова може да оди во друга крајност и тие сега ги штитат своите наследници од сѐ што може да им наштети, не дозволувајќи им да ризикуваат и да развијат отпорност.

Ги критикува сите врски на своите деца

Мајка која е премногу заштитнички настроена кон своите деца во текот на нивното детство ќе им ја купи најдобрата облека, ќе ги испрати во најдобрите училишта, а потоа, кога ќе пораснат, ќе помисли дека никој не е доволно добар за нив и на тој начин ќе ги избрка сите (потенцијални) партнери.

Не поставува добри граници

Често премногу навлегува во личниот простор на своите деца и им поставува премногу лични прашања, им дава совети што не ги побарале и им се меша во личните работи. Децата се нервираат поради тоа, но вистината е дека како мала, таа често била игнорирана, па сега сака да биде блиска со своите деца до тој степен што им предизвикува непријатно чувство.

Постојано ги спасува децата

Без разлика дали се работи за мали проблеми на училиште или дома, оваа мајка се чувствува како да треба да го спаси своето дете од сè и секогаш е тука да ги реши сите, дури и најмалите непријатности. За жал, постојаното такво однесување ќе ги направи децата премногу зависни од неа, спречувајќи ги да научат сами да управуваат со различни ситуации.

Не им дава на децата никакви обврски

Може да биде многу фрустрирачки за децата кога чувствуваат дека нивните родители не им веруваат дури и кога станува збор за најбанални работи, како одење во продавница. Мајките што се премногу заштитнички настроени кон своите деца не им препуштаат никакви одговорности, не од лоша намера, туку затоа што потајно се плашат дека ќе се повредат.

Не е лесно, но важно е родителите да им веруваат на своите деца дека ќе донесат добри одлуки. Освен тоа, нормално е понекогаш да грешат.

Зборуваат наместо децата

Екстремно заштитничките мајки сакаат нивните деца секогаш да бидат задоволни, среќни и успешни. Сепак, ова станува проблематично кога ќе почувствуваат потреба да бидат „зачинот во секоја супа“ и да зборуваат во име на своите деца, кога треба да одлучат во кое училиште да се запишат и слично. Тоа најверојатно се должи на чувството на несигурност во детството, па овие мајки сега не сакаат да ја повторуваат грешката на своите родители, па секогаш зборуваат во име на своите деца.

Автор: Наташа Златковиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top