Бебето нема да ви даде до знаење дека е гладно или вознемирено само со плачење. Постојат многу суптилни знаци кои родителите можат да ги препознаат. Тие многу често ги користат рацете за да ги покажат своите чувства, па истражувањата покажуваат дека оние што се гладни цврсто ги стегаат тупаниците.
– Кога ќе почнете да ги храните, тие полека ќе ги ослободат прстите и целосно ќе ги пуштат кога ќе се најадат. Кога прстите се целосно испружени, тоа е знак дека детето е најадено – открива бабицата Кејт Вејд од Мелбурн, која работи како едукатор во фондацијата „Тајни хартс“. Таа додава дека начинот на кој испушта звуци бебето кажува многу за тоа.
Ако одеднаш се вознемири во сон или почне да мавта со рацете и нозете и гласно да гуга, сака да каже: „Гладно сум“. Тоа ќе го покаже додека безбедно лежи во прегратките на мајка си. Ако ја сврти главата од едната на другата страна, додека ја отвора устата, тоа значи дека е време за јадење.
Ако, пак, бебето ве гледа со широко отворени очи и посегнува по вас со рацете, тоа значи дека е подготвено за игра. И веројатно е најлесно да се препознае кога е време за спиење. Бебето ќе се смири и ќе почне да се проѕева. Но, ова не се единствените знаци: ако е уморно, бебето ќе се смири, малку ќе се намурти и ќе го намести грбот во позиција на лак, така што неговите нозе ќе бидат во воздух.
Секако, тоа не значи дека секое бебе секогаш ќе ги покажува истите знаци, но ако малку повнимателно го набљудувате вашето малечко, на крајот ќе го научите говорот на телото кој ви кажува како се чувствува.
912