На неполна година, Давор се заинтересирал за знамињата и оттогаш му се верни другарчиња. Со химната на Палау долго време заспивал
Секое дете има омилени играчки. За четиригодишниот Давор Поповски од Пехчево тоа се неколкуте стотици државни знаменца, со кои се дружи од неполна година. Сосема случајно ова хоби станало најомилено на малиот Давор, а во тоа голем удел има неговата тетка, Магдалена Поповска, која е наставничка по француски јазик во основно училиште во Пехчево.
– Роден е на 16 август и пред да наполни една година, нели на сите ТВ-канали вообичаено во ќоше стои македонско знаме за празникот Илинден. Забележав дека реагира интересно на знамето и почнав да му покажувам знамиња на „Јутјуб“. Така започна сѐ. Имаше една снимка каде се кине знамето на Мексико додека го креваа и сме ја изгледале сирурно 300 пати. Кај нас не може да се купат,па секој ден му печатев по 5-10 знамиња, дома ги сечевме и лепевме и така ги имавме сите – објаснува тетката на Давор, и додава дека во целиот процес на правење на знамињата бил вклучен и тој и дека насекаде по дома има траги од лепилата.
Во светот на знамињата најмногу го води тетка му Магдалена Поповска, наставничка во француски јазик
За третиот роденден неговата тетка му нарачала 200 знамиња од „Али експрес“.
– Не можам да ви ја опишам неговата среќа. Скокање, викање, пискање… Каде и да одиме, си носи знаменца, а со химната на Палау едно време и заспиваше. Кога ќе го прашате кое му е омилено знаме, секогаш кажува – македонското и албанското. Едно време бидејќи немавме албанско знаме, му цртав на крпи…па после набавивме т.е кумот му донесе подарок. И албанското и македонското знаме ги шетаме насекаде – вели тетка му на Давор.
Само еднаш имале немила ситуација, во која млад човек во кафуле им изреагирал да го соберат знамето и да не провоцираат.
– Малиот праша дали баткото сака да му го земе знамето. Му објаснив дека не, а со момчето имавме вербален дуел во кој се обидов да му објаснам дека и албанското знаме е како и сите други и дека ако не им пречи што некој носат германски дрес или знаме, зошто им смета албанско. Неговите другари ја смирија ситуацијата, а ние си продолживме со кафето – се потсетува наставничката.
Давор знае дека сите знамиња треба да се почитуваат. Убави му се и знамињата на: Палау, Јапонија, Франција и на Мексико.
Давор сѐ уште не разбира што значат земја и граници
– Кога ќе прочитаме, видиме или коментираме на пр. Бајкалско Езеро, ќе праша: „А има ли граници до таму?“ или „Денес ќе шетаме до Струмица!“ „Аха, а има ли граници до таму?“. Знае на глобус да ја покаже Кина, Русија, Франција, Канада. Многу сака на другарчињата да им ги покажува знамињата и да ми зборува што научил. Порано дома нѐ „малтретираше“ сите. Нѐ тераше да ги држиме или да ги врзуваме од стол за маса, а тој ќе земеше парче картон или пластика кои ги нарекуваше „дувалки“ и обожаваше да мафта со тоа и да ги вее знамињата – се смее тетка му на Давор.
Давор често прашува како би можел да стигне до одредена земја, дали е далеку од Македонија.
Се што правиме заедно мене ме радува. Знамињата не се мое хоби, ама го правам тоа заради него. Тој тоа го сака, а јас сакам среќни деца.
Исто така, собираме и капачиња за „Едно капаче –една надеж“ и многу е одговорен. Ќе види на улица капаче и го собираме, башка летово одевме близу нашата куќа, има парк „Езерце“, каде често има расфрлани отпадоци. Земаме кеси и чистиме – вели таа.
Никаде не одиме без знамињата
Неговите родители на шега често велат дека тие не ни ги знаат, ниту пак чуле за знамињата што тој ги кажува. Кога имаат гости, сите го закачаат тој да им ги кажува земјите.
– Блиските пријатели и роднини кога шетаат некаде, обично за подарок му носат знамиња. Кумот, каде и да оди, му носи знаменца. Во Пехчево сите се смеат кога ќе го видат како влечка знаменца, но во последно време, дека не ги носи, прашуваат кај му се. Кога одиме некаде макар и на излет, ги носиме или во маркет, на пример, додека чекаме на каса, ќе види знаме на некој производ и веднаш го кажува – велат родителите.
Кога ќе ги заплетка знамињата, обично дедо му е тој што ги расплеткува. И за еден час, пак истата песна, се смеат родителите.
– Во последно време многу сака сообраќајни знаци и кога патуваме цело време прашува, а овој знак што значи, или пак ги кажува. Омилен знак му е „забрането паркирање и застанување“. Исто така, цело време додека одиме или се враќаме од градинка или ако одиме да шетаме, муабетот ни е „Што пишува на регистрацијата на овој автомобил или на оној и така со ред за сите возила што ќе ги сретнеме – вели Поповска.
912