- Што вели?
- Дека набргу ќе завршат овие пред нас, па ќе нè викне. Вели дека брзо ќе помине.
- Гледаш, ние само чекаме нешто, цел живот! Барем седни да си позборуваме, не стигнуваме ни да се видиме, барем овде, во чекалница! Како се децата?
- О, не прашувај ме ништо! Не е ни чудо што не се гледаме, ова училиште ме закопа! Му кажав на Милан дека мора да се вклучи. Сама одгледувам двајца, дома работев со нив, прегледував, учев, по потреба и сликав нешто за ликовно, изработував предмети за техничко и сето тоа, покрај готвење и пеглање, богами и тој малку нека се вклучи. Не можам повеќе, жено, да бидам сама! Не може!
- Те разбирам, јас едно имам, па не знам кај ми е главата! Тоа што го учат не е нормално!
- Ќе видиш кога ќе дојде во средно! Јас како никогаш да не сум одела во ниту едно училиште!
- Исто, а мојата е шесто одделение! Понекогаш мислам дека воопшто не треба да работам со неа, дека сепак треба да ја пуштам сама да прави сè, но потоа почнува со тројки и двојки, а јас сепак не можам да го дозволам тоа, па што да правам – седнувам и учам со неа. Во исто време, приватни часови по математика и по англиски, сето тоа чини пари, разбираш?
- Сега замисли го тоа три пати! Вчера се исцедив со таканаречени гласовни промени. Кажи ми, што е тоа по ѓаволите? Кои се гласовните промени? Таму заглавив, и никако да решам, а контролниот тест е в петок!
- И замисли ме само со равенки, јас која не знаев да собирам до дваесет, сега треба да решам два х на квадрат, па плачам! Да не зборуваме за географијата! Како да сум живеела на друга планета кога одев на училиште!
- Знаеш како, биологијата ми е премногу тешка. Го зедов анатомскиот атлас на татко ми од подрум да дознам за Мина и да барам и да поврзам, но ништо не ми е јасно! Да не зборувам дека плаќам професорка по микробиологија за Иван, тоа што го прават во средно не е нормално! Седнав на час со него за да сфатам и потоа да можам да го испрашувам, но жено, ништо не разбирам!
- Не сакам ни да помислам што ме чека.
- Тоа не можеш ни да го замислиш! Не би сакала да те плашам, но станува сè полошо и полошо. А овој малечкиот што треба да е најлесен оти е само трето, со него сè учам од нула! Заборавив сè што научив со Мина и Иван, а сега пак се повторно!
- Да ти кажам искрено, англискиот ми е многу тежок. Затоа морав да ѝ најдам професор. Мислам, го знам тој јазик, го зборувам, можеби не сосема беспрекорно, но можам да се снајдам во странство, да разбирам песни и слично, и можев да ѝ помагам до петто, но понатаму никако! Ги обновив граматичките правила и добро поминав, но диктатите ми се проблем. Вежбав, копирав, но не вреди, имам сто работи покрај тоа, и секогаш некаде грешам, но и не сум сигурна, разбираш?
- Иван ме нервира со математиката. Барем од тоа да ме ослободи! Има многу математички мозок, роден е за него, но не сака да учи! Нема и нема! И што да правам освен да седам со него и да работам додека не почне да ми пулсира главата. И знаеш колку брзо сфаќа? Само кога сака и кога се концентрира. Вчера му реков: „Како не ти е срам, види колкав си, а јас седам со тебе како да си второ одделение!“ Мислиш дека се срамеше?! Ма не!
- Каков срам? А знаеш што друго? Сите родители работат со своите деца, па им изгледа нормално. Вчера го проверував телефонот на Елена, разговараше со другарка од одделението, муабет од типот „Што правиш?“, а таа ѝ вели: „Учам со татко ми физика“. Јас би пропаднала вземи ако некогаш учев со моите родители, а камоли да го кажам тоа?! Па, ќе ме исмејуваа додека беа живи!
- Исто!
- А знаеш што најмногу ме загрижува? Изгледа дека Елена не ја интересира ништо. Воопшто не знам што да правам со неа. Мислам, таа може сè, и ако се обиде, добива петка, но не гледам дека нешто ја влече. За секој предмет мене ме чека, не гледам дека таа навистина ужива во ништо!
- Што мислиш, дека моите не ме чекаат?! Па, да не ги бркам, нема да ја земат книгата в раце! Им рецитирам секој ден како песна – одамна завршив школо, ова не ми треба, утре мене ќе ме нема и што ќе биде со вас – џабе жено, џабе!
- Секаде исто! Уф, дали ќе завршат овие наскоро, само што ме потсети, не чепнавме историја, а денес имаат испрашување!
- Па знаеш како, треба малку да се обидеш и со среќа! Можеби нема да ја станат неа да одговара, а ако се случи тоа и добие единица, Боже мој, ќе ја поправи…
- Знам, но и сама знаеш колку е тешко да се стигне од единица до петка. Можеби ќе ја извадам од училиште денес, ќе видам… Чекај, изгледа при крај се… Можеби ќе ни се јават сега..
- Дај Боже! Слушај, ќе скратиме максимално, не треба да ни го чита решението, немаме прашања, па да стигнам да ја завршам анализата на ликот на Вронски.
- Во ред! Ух, не ми требаше овој товар сега пред тримесечје!
Автор: Маја Бугарчиќ