Ако си родителот кој постојано се тркала по подот, глуми змеј или дозволува уште само една епизода, можеби токму ти си забавниот родител. Но, и тоа има свои предности и мани.
Во секое семејство постои еден родител кој знае како да претвори здодевно попладне во мала авантура. Тој секогаш има енергија за игра, ги знае сите правила на друштвените игри и не бега од глупирање. Звучи познато?
Ако ова звучи како твојот партнер или се препознаваш себеси во оваа улога, веројатно знаеш дека да се биде забавен родител е истовремено и убаво и предизвикувачки. Бидејќи, иако смеата, игрите и опуштеноста звучат идеално, оваа улога носи многу повеќе од обична забава.
Што навистина значи да се биде забавен родител?
Забавниот родител е оној што знае како да се симне на детско ниво, и буквално и фигуративно. Игра, се глупира, фантазира и знае како да претвори обичен момент во игра. Но, како што објаснуваат психолозите, тоа не значи дека тој родител ги занемарува правилата, туку едноставно почесто избира смеа и флексибилност.
Психологот д-р Тамара З. Кахане вели дека забавните родители се спонтани, опуштени и подготвени да им покажат на децата дека и возрасните не се совршени. А психијатарот д-р Шам Синг додава дека токму овие родители често полесно попуштаат околу правилата, со цел да создадат простор за поврзување со децата преку забава.
Забавен родител си ако:
- Често се впушташ во игри без многу размислување;
- Не се стресуваш околу секоја минута од распоредот;
- Планираш излети само за децата добро да се забавуваат;
- Знаеш дека понекогаш треба да ги прекршиш правилата и да уживаш во моментот.
И да, често татковците се тие што се доживуваат како забавни родители, додека мајките почесто се задолжени за распоредите, ручеците и закажувањата на доктор. Но тоа не е секогаш така. Многу мајки (и татковци) ги балансираат сите улоги одеднаш, особено ако се самохрани родители.
Придобивките од оваа улога
Забавата и играта носат огромна емоционална корист. Децата полесно се опуштаат, се поврзуваат, ја развиваат фантазијата и се чувствуваат посигурно покрај родител со кој можат да бидат целосно свои. Покрај тоа, забавата влијае и врз родителот така што му помага во намалување на стресот и враќа дел од детската радост што често ја забораваме.

Не е сè игра и песна
Проблемот може да настане кога забавата ќе го замени поставувањето граници. Ако еден родител стане тој што сè дозволува, а другиот тој што само се грижи за правилата, тоа може да создаде напнатост и меѓу родителите и кај децата.
На децата им требаат јасност, граници и доследност. А забавата е уште подобра кога е вметната во таа структура.
Како да бидеш позабавен родител?
Не мора секој викенд да организираш авантури, ниту да ги знаеш сите танцови на „Тик-ток“. Понекогаш е доволно:
- да му дозволиш на детето да те води низ играта и едноставно да учествуваш без да го поправаш;
- да го вклучиш детето во она што веќе го сакаш – готвење, читање, музика;
- да испланираш филмска вечер со ќебе на подот и пуканки;
- да прифатиш дека можеби ќе ти биде непријатно, но на децата тоа им е супер.
И најважното: дозволи си простор и време. Никој не е забавен 24/7. А децата не те сакаат затоа што си забавен родител, туку затоа што си нивниот родител.