Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Ми треба совет, се работи за мојот 5-годишен син. Живееме во Шведска и дома зборуваме и шведски и англиски, но и арапски, поради тоа што мојот сопруг зборува арапски, тој е од арапска држава. Последните 2 години ми се малку тешки поради тоа што дома ги зборуваме сите 4 јазици. Мојот син е збунет, ги зборува сите јазици по малку, но најмногу арапски и шведски. Проблемот е што не знам на кој јазик јас да зборувам со него најчесто за да го научи. Јас не знам доволно арапски, му зборуваме македонски и шведски, но сега гледам дека има тешкотии во разбирањето на инструкциите при играње. Не знам дали е поради тоа што има многу јазици на ум или поради тоа што не е трпелив и знае брзо да се налути. Но, се обидувам да му објаснам смирено. Децата што се служат само со еден јазик дома прозборуваат уште на 3 години и знаат многу работи, но мојот син сè уште има тешкотии да разбере некои инструкции, распоред на нештата, броење и слично. Како да му помогнам да напредува? Верувам дека нема други препреки и можности да научи некои работи освен јазиците што го бунат.

ОДГОВОР: Почитувана мајка, како што кажувате, во вашето семејство се зборува на четири јазици, вие имате тешкотии со арапскиот, а верувам и вашиот сопруг со македонскиот. Моето прашање до вас – Како едно дете кое развива моторика, емоции, мисловен и говорен процес може да успее и да научи четири јазици течно и флуентно? Секој јазик има посебен начин како се изговараат одредени гласови, односно говорниот апарат: јазик, усни и усна празнина се поставени за да се изговори одреден глас од различни говорни јазици. Исто така, секој говорен јазик има различен акцент и кога на детето му се нудат два и повеќе говорни јазици, настанува мешаница. Тоа ќе ги научи сите јазици што ги зборувате, но можеби ќе му треба повеќе време. Ви предлагам да седнете со сопругот и да се договорите кој јазик е приоритетен во прво време вашето дете да го научи за неговите потреби во градинка-училиште. Двајцата да му се обраќате и да комуницирате со јазикот кој на вашето дете во моментот му е приоритет за да комуницира во земјата во која живеете. Кога детето ќе покаже напредок и резултати да зборува, следи, возвраќа и комуницира, полека воведувајте му ги вашите мајчини јазици – македонски и арапски. Детето полека ќе разбере дека има различни јазици и дека тато зборува на еден, а мама на друг јазик. Од тоа што го прочитав вие како мајка се обидувате на сите јазици да зборувате со него и кај него, претпоставувам, има мала збунетост.

Емоциите кај децата до 6-годишна возраст многу се разликуваат од емоциите на возрасните. Детските емоции се краткотрајни, силни и расположението е променливо во моментот. Децата истовремено можат да бидат расплакани или вознемирени и да почнат да се смеат поттикнати од родителите. Нивната тага е еднакво вистинска како и радоста во која се претвора. Своите чувства децата ги изразуваат спонтано и отворено, што вам како родители ви олеснува да бидете свесни за моменталната детска емоционална состојба. Децата на оваа возраст учат како да ги контролираат емоциите со кои се сретнуваат и како да ги изразуваат на примерен начин. Препознајте ги ситуациите во кои вашето дете е емоционално преплавено и помогнете му да го изрази тоа што го чувствува на прифатлив начин.

Детските мисловни или когнитивни способности – внимание, мислење, способност за решавање на проблемите, способност за учење, разбирање и носење одлуки, постапно на децата им овозможуваат сè повеќе да ја разбираат сложеноста на светот околу себе. Клучна способност која детето во период од 2. до 7. година ја развива се однесува на симболите. Детето разбира и користи симболи за различни работи и појави. На пример, тоа разбира дека столче е симбол за дел од мебелот во кујната кој служи за седење додека се јаде. Ваквата способност можете креативно да ја користите во игра со вашето дете. На пример, кутијата за играчки да биде езеро за пластичните риби. Вклучете ја вашата и фантазијата на вашето дете во играта додека играте и разговарајте за симболите околу вас. Можете да играте криење на предметите и да погодувате кој предмет фали или да го пронајдете скриениот предмет со играта ТОПЛО-ЛАДНО.

Сега за неговиот говор. Во период од 3. до 4. година кај децата би требало да биде усвоена базата на мајчиниот јазик. Детскиот речник се богати со многу зборови, изговарањето е појасно, а речениците се проширени. Не се од еден или два збора. Во наредните години кај децата говорот сè повеќе наликува на возрасните и децата имаат способност да ги изразуваат своите мисли, емоции и искуства со зборови и комуницирање со другите во блиската околина… На возраст од 5 години децата треба да ги разбираат зборовите кои кажуваат: пример редослед прв, следен, последен и времето како вчера, денес, утре. Потоа детето да следи и разбира кога му се кажува да облече пижами, да се измие раце, лице, заби, да одбере омилена сликовница и да умее да го нацрта своето семејство. Детето може да раскаже кратка приказна и да води разговор. Ви предлагам да почнете со еден јазик и да следите како вашето дете се развило и развива. Доколку е потребно, понатаму обратите се кај логопед и други стручни соработници. Ве поздравувам.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X