Марија од Копенхаген, како и многу мајки, решила со фотографии да го документира растот на стомакот во текот на бременоста. Но, нејзиниот стомак се разликува бидејќи таа и нејзиниот сопруг Андерс со нетрпение го очекуваат доаѓањето на нивните три деца.
Тие веќе го имаат двегодишниот син Микаел, а сега ќе имаат уште две девојчиња и едно момче. Инаку, 36-годишната жена зачнала на природен начин, а вели дека никогаш не ѝ паднало на памет дека може да носи близнаци, а камоли тројка.
„Никогаш не ја ни споменавме таа опција, мислам дека не бевме ни свесни за тоа“, изјавила таа за странските медиуми. Медиумското внимание го привлекла со нејзиниот профил на „Инстаграм“ на кој секоја недела прави „селфи“ за да види колку точно ѝ расте стомакот.
„Мило ми е што решив да го направам овој колаж за да следам колку брзо растеме. Неверојатно е чудно да се гледам себеси толку многу, а уште поневеројатно е што изгледам како мојот стомак да е измамен од гравитацијата. Постојано чекам да почне да се наведнува кон подот“, напишала Марија на Инстаграм, која за странските медиуми изјавила дека не може да ја спореди оваа бременост со онаа кога чекала само едно дете. „Сè е различно, сè. Мајките на три или повеќе деца за време на бременоста очекуваат многу повеќе прегледи, повеќе различни прегледи и бројни ултразвуци. Што е всушност логично“, заклучила таа, додавајќи дека „на лекарите мора да им е потешко да следат три деца наеднаш“. „Поинаку е отколку кога сте фокусирани на едно тело“, рекла таа.
Марија и Андерс се венчале пред четири години, а набрзо по венчавката го добиле своето прво дете, а откако дознале дека чекаат тројки, на двајцата им требало малку време да се ослободат од шокот. Имено, тие мислеле дека зачнувањето на три бебиња се случува само со вештачко оплодување. И не беа толку далеку од вистината – шансите за природно добивање тројки се само 1 наспроти четири и пол илјади.