Кога ќе забремените повторно, тоа е целосно ваша одлука. Но, научниците предупредуваат дека премало или преголемо временско растојание меѓу две бремености може да носи ризици и за мајката и за бебето.
Истражување на Центарот за контрола и превенција на болести во САД покажало дека иако просечното време меѓу две бремености е нешто повеќе од две години, речиси една третина од жените повторно забременуваат во рок пократок од 18 месеци. Тоа е проблем, велат експертите, бидејќи на телото му е потребна барем 1,5 година да закрепне пред следната бременост. Така му се овозможува на следното бебе најдобра шанса за здрав развој.
– Тоа е навистина проблематично. Женското тело мора да се врати во рамнотежа пред повторно да помине низ бременост – објаснува истражувачот Хајке Тиел де Боканегра од Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско.

Секако, времето за следно дете е лична одлука и не постои совршен момент за тоа. Дури и со внимателно планирање, не може секогаш да се контролира кога ќе се случи зачнувањето. Но, разбирањето на ризиците поврзани со краткиот или долгиот временски период меѓу бременостите може да помогне за информирано донесување одлука за проширување на семејството.
Колку се поблиску бременостите, толку е поголем ризикот за здравјето на второто дете. Истражувањата покажуваат дека кога жената ќе забремени повторно во рок пократок од 18 месеци, зголемена е можноста бебето да се роди предвреме или со мала телесна тежина.
Десетгодишно истражување во Калифорнија покажало дека кај мајките што забремениле во рок од една година по породувањето постои трипати поголема веројатност второто дете да има аутизам. Ризикот малку се намалува по првата година, но останува зголемен сè до третата година по раѓањето на првото дете.
Влијание има и возраста на мајката: колку е постара, толку повеќе време чекала меѓу две бремености, што се покажало како поповолно за здравјето и на мајката и на детето.