Ситуацијата што ја инспирира оваа приказна се случи на плажа годинава, но такви слични работи се одвиваат секојдневно, во најразлични пригоди.
Бевме на плажа, децата и јас. Во еден момент отпливав малку подалеку, доволно длабоко за ментален одмор, а доволно блиску до копното за да можам да ги надгледувам децата и нивните другарчиња во плиткото. Недалеку од мене доплива една млада жена, која ја забележав кога влегуваше во вода неколку минути порано поради необичниот костим за капење. Наскоро и двете почнавме да пливаме назад, кон плиткото и тогаш видов како доаѓа една друга жена, држејќи мали деца за рака, и бесно се насочува кон жената што пливаше покрај мене.
Првата жена излезе од вода, а другата луто ѝ ги „предаде“ детските раце и ѝ рече: „Сега не си девојка, сега си мајка!“ Би сакала ова да го измислев. Но, за жал, не само што не го измислив, туку и по почетната реакција „мора да се шегуваат“, сфатив дека не сум многу изненадена. Првата жена, сега може да ја наречеме мајка, ги презеде децата и седна на пешкирот, додека другата продолжи нешто да ѝ објаснува, но тоа веќе не можев да го слушнам.
Мајката изгледа направила неверојатен грев што на 5 минути отплива од својата улога и се осмели накратко да направи нешто „за своја душа“.
Од каде ѝ е правото да плива и ужива наместо да мисли на своето дете, кое со ништо не заслужило такво непосветено старателство? Да ги замолам чувствителните читатели да престанат со читање доколку не можат да поднесат една бесрамна родова генерализација.
Замислете иста ситуација, со само една разлика: некој бесно му приоѓа на човек кој плива и му вели: „Сега не си момче, сега си татко!“, по што тој засрамено ја сфаќа својата грешка и оди да се искупи за чинот на таквиот недозволен хедонизам. Карикирам, знам, но реалноста ме научи на тоа. Генерацијата мажи кои сега се татковци на мали деца многу се разликуваат од генерацијата на своите татковци, а особено од генерацијата на своите дедовци. Татковците сега се забележливо и повеќе вклучени во воспитувањето на своите деца, и тоа секако е за пофалба. Тоа е, меѓутоа, сè уште далеку од фер и рамномерен однос. Зошто?
Затоа што на мајките посветеноста кон семејството и натаму им се мери со откажувањето од себе! Решението не е татковците да доживуваат ист третман, туку таквиот однос кон мајките да престане да биде норма во општеството кое наводно одамна е еманципирано и современо. Решението е слободата која мајките формално ја имаат да одговара на содржината и суштината. И таткото и мајката денес најчесто имаат право на слободно време, на излегување или хоби, да. Никој, меѓутоа, не ги споменува „ситниците“ врзани за подготовка и изведба на тоа. Што треба да преземе за да може да излезе и да се „излуфтира“? Да се облече и да го премине прагот. Што треба да преземе мајката за да го направи истото?

Да остави упатство дека децата мора да вечераат, да се избањаат, да измијат заби, да покаже каде им се ставени пижамите, каде им се играчките и книгите за добра ноќ, дека мораат да одат по мала нужда пред спиење, дека облеката може да се извади од машината за перење, бидејќи таа свири со причина, да биде достапна во секој момент за непредвидливи ситуации од типот: децата се расправале или не сакаат да одат на спиење, па додека се обидува да се опушти, добива уверувања „Сè е под контрола, малку направија хаос, но на број се, хехе…“ и многу други ситници.
Поради тие ситници, таа најчесто ќе рече: „Знаеш што, ме мрзи да одам каде било“.
Ја мрзи бидејќи знае дека мора да ангажира цела машинерија и да ја крене борбената готовност на максимум за да го испие тој глупав коктел и да се врати што порано дома, бидејќи ноќното чување во случајот на мајчиниот хедонизам не го подразбира и утрото.
Неодамна прочитав анонимен коментар на една мајка која вели дека дури по една година од породувањето првпат излегла ноќе да прошета и ги видела ѕвездите. Бескрајно ме растажи тоа. Кант рекол дека постојат две работи кон кои човек чувствува восхит и страхопочит: ѕвездено небо над него и моралниот закон во него.
Жената, исто така, е човек. И заслужува секогаш да може да го види тоа ѕвездено небо, дури и кога ќе се оствари како мајка.
Автор: Марица Рајковиќ