Американката Дезире Фортин и нејзиниот сопруг, кои имаат пет деца, неколку години се мачеле да станат родители. Бидејќи тоа не било можно по природен пат, решиле да започнат со процес на вештачко оплодување – и за среќа добиле две девојчиња и едно момче. Пред две години добиле уште едно девојче, а во јануари годинава го добиле и петтото дете – уште една ќерка. Но, болката што ја чувствувала додека не можела да забремени е толку силна што напишала трогателно писмо до својата неплодност, кое го објавила на „Инстаграм“.
„Драга неплодност, те мразев. Крадеш соништа. Ги кршиш срцата. Носиш тага. Крадеш животи. Ти си причината поради која не можев да забременам по природен пат. Ти го потопи моето срце во беда поради неможноста да станам мајка на начинот на кој тоа го прават другите жени. Ми кажа дека моето тело не е доволно добро. Можеби ти беше голем дел од мојата приказна, но никогаш не ме дефинираше. Побарав да излезеш. Те победив. Ти покажав дека неплодноста може да се надмине и Бог конечно ми засади живот во утробата.
Неплодност, донесе толку многу работи со себе кога влезе во мојот живот. Ми донесе повеќе солзи отколку што мислев дека можам да исплачам. Поради тебе, лежев на подот од мојата бања, празна во себе, по многубројните негативни тестови за бременост. Морав да издржам инјекции, модринки и секакви лекови бидејќи кога си неплоден и бараш помош од лекар, тоа е она што те чека. Скапа си и физички, емоционално и психички исцрпувачка. Неплодност, ми го изложи срцето на разочарување и агонија. И искрено, беше прилично болно секојпат кога ги слушав зборовите „бремена сум“ од устата на некој друг. А сепак, во средината на сето тоа – ми донесе надеж.
Колку и да те мразев, неплодност, толку сум благодарна што беше дел од мојата приказна. Ти ме направи силна. Уште пред да забременам, чувствував дека станувам посилна. Се чувствував како супержена по сите тие инјекции, лекови, земање крв, посети на лекар итн., а најдов и емоционална сила. Научив како да бидам храбра и да имам верба оти Бог знае сè подобро од мене. Беше мојот пепел, но Бог те направи убава. Да не беше ти – екстремната болка што ми ја предизвика, лагите што ми ги кажа, тагата што ми ја носеше одново и одново – немаше да знам што е надеж. Надежта нема да ве разочара. Надеж значи да се има верба во она што изгледа невозможно. Неплодност, кога денес ќе погледнам наназад на годините кога беше дел од мојот живот, единствено што можам да кажам е ти благодарам!“, напишала таа.