Последните девет години Синапурката Мин патува и работи на различни места – од Јужна Кореја, Шпанија, па до Шведска. Таа живее со сопругот и двете деца, на возраст од пет и седум години, во универзитетски град, на еден час оддалеченост од Стокхолм.
Вели дека ужива во шумите и живописните патеки кои се одлични за пешачење, кампување, возење кану и скијање. Но, според Мин, уживањето во природата не е единствената причина зошто ја смета Шведска за една од најдобрите земји за одгледување деца. Споменува уште три нешта што ја импресионирале.
Баланс помеѓу работата и приватниот живот
Родителите во Шведска имаат право на 480 дена платено отсуство кога добиваат или посвојуваат дете. Исто така, сите вработени имаат најмалку 25 дена годишен одмор. Мин вели: „Швеѓаните имаат јасни граници помеѓу работата и слободното време“.
„Тоа значи повеќе време за семејството и за хоби. Луѓето се среќни затоа што имаат време за тоа. Имаат поголемо чувство за цел во животот. Швеѓаните го сакаат животот затоа што знаат како да уживаат“, додала таа.
Слободна игра
Животот во Шведска ги приближил Мин и нејзиното семејство до природата – нејзините деца посетуваат школа во шума за време на викендите. Таму се стекнуваат со практични вештини, како што се подигнување шатор, палење оган и врзување јазли.
„Во Сингапур учењето е многу структурирано. Не е лошо, но ние учиме поинаку. Овде децата учат преку слободна игра во природа“, објаснува таа. Да се биде во шумата, исто така, им овозможило на нејзините деца да видат колку далеку можат да одат надвор од нивната комфор-зона.
„Кога првпат ги донесовме во шумата ноќе, тие беа исплашени. Но, како што одминуваше времето, ги гледав како истражуваат и откриваат што можат, а што не можат да прават. Кога се таму, изгледа како да немаат граници. Можат да бидат што сакаат“, тврди таа.
Автономија
Една од најголемите тешкотии со кои се соочила Мин кога се преселила во Шведска било приспособувањето на автономијата што родителите им ја даваат на своите деца. Таа пораснала во Сингапур, каде што децата немаат толку слобода.
„Децата во Шведска го кажуваат своето мислење, се почитуваат и го имаат својот глас, исто како и возрасните. Ова ги учи децата како да преземат одговорност за сопствениот избор. На пример, ако не сакаат да вечераат, подоцна огладнуваат. Но, ги учат последиците од одбивањето храна“, заклучила Мин.