Зголемените лимфни јазли на вратот се една од најчестите причини поради кои родителите се загрижуваат и посетуваат педијатар. Иако често се нарекуваат „лимфни жлезди“, правилниот термин е лимфни јазли бидејќи тие не лачат хормони, туку се дел од имунолошкиот систем.
Лимфните јазли се важна одбрана на организмот. Тие создаваат клетки и супстанции кои помагаат во борбата против инфекции. Јазлите на вратот собираат лимфа од пределот на грлото, носот, устата и лицето, па затоа често се зголемуваат при инфекции на горните дишни патишта.
Најчеста причина за нивно зголемување се вирусни инфекции, кои кај децата обично се лесни и минливи. Во тие случаи јазлите се малку зголемени, меки, подвижни, безболни и без црвенило на кожата. Бактериските инфекции, особено оние предизвикани од стрептококи, исто така можат да бидат причина, но се поретки и лесно се потврдуваат со брис од грло.

Кај некои сосема здрави деца лимфните јазли се природно поизразени, состојба позната како лимфатична конституција, која не е болест и често е наследна. Понекогаш зголемени јазли се јавуваат и по вакцинација, особено по ММР вакцината, но тоа е краткотрајна појава.
Посебно внимание привлекува инфективната мононуклеоза, вирусна болест која оди со значително зголемени лимфни јазли, висока температура и болки во грлото, но кај помалите деца често поминува со поблаги симптоми.
Родителите не треба да се загрижуваат ако лимфните јазли се мали (до 1 см), безболни, подвижни и не се зголемуваат. Потребно е да се јават кај педијатар ако јазлите нагло пораснат, ако се болни, тврди, неподвижни, ако кожата над нив е црвена, ако детето има висока температура, силна болка во грлото или е во лоша општа состојба.
Опасните заболувања, како леукемија или лимфом, се исклучително ретки, а секогаш се придружени со други сериозни симптоми.
Во најголем број случаи зголемените лимфни јазли кај деца се привремена појава која не бара терапија, туку само следење и смирен пристап.