Кога во семејството ќе пристигне новороденче, татковското отсуство им дава можност на татковците не само подлабоко да се поврзат со детето, туку и да преземат дел од секојдневните домашни обврски. Тиктокерот Кејлеб Ремингтон го сподели искуството од неговото седумнеделно татковско отсуство по раѓањето на второто дете. Ремингтон признава дека кога го добиле првото дете, не зел ниту еден слободен ден, што подоцна довело до чувство на вина за пропуштените моменти.
Овој пат Ремингтон ги искористил четирите недели што му ги доделил неговиот работодавец и додал уште три недели од одморот, што му овозможило да стекне подлабоко разбирање за предизвиците на семејството.
Во видеото што го сподели на „Тик-ток“, Ремингтон ја нагласува важноста на мултитаскингот. Додека ја чисти куќата, мете, мие садови и ги брише работните површини, раскажува како отсуството го натерало да ја преиспита идејата за „праведен дел“ од домашните работи. Претходно, вели тој, мислел дека го прави својот дел, но сега гледа дека всушност го прави само минимумот.
– Ова татковско отсуство ми ги отвори очите – вели Ремингтон, истакнувајќи дека благодарение на тоа време, станал свесен колку работи неговата сопруга ги прави сама.
Ремингтон признава дека првите недели од родителството биле обележани со напнатост, расправии и недоразбирања и покрај тоа што тој и неговата сопруга се одлични комуникатори. Искуството да се има второ дете му донело мудрост – подготвеност да посвети поголемо внимание на рамнотежата помеѓу работата и животот и подобро разбирање на важноста на релаксацијата.