Игротека

Здравјето на детето се гради со начин на живот, а не со „магични“ апчиња

Евгениј Комаровски, доктор по медицински науки, телевизиски водител и автор на многу книги за воспитување деца, во интервју за „Спутник“ зборува за алергиите, зајакнувањето на имунитетот кај децата и улогата на родителите. Познат и кај македонските читатели, Комаровски секогаш зборува едноставно, но суштински.

Имунитетот не доаѓа од аптека, туку од домот

Климата се менува, температурите растат, а вирусите се сѐ поагресивни. Сѐ повеќе деца страдаат од алергии напролет. Родителите често посегнуваат по антихистаминици, но Комаровски предупредува дека човечкиот организам, вклучително и децата, има способност да се приспособи на временските услови. Вистинскиот имунитет се гради преку начинот на живот, а не со апчиња.

– Животот на современото семејство денес многу се разликува од тоа што било нормално пред 20 или 30 години. Сè е поинаку: од нега на децата, преку домашната техника, клима-уредите, храната, па сè до времето поминато на свеж воздух и квалитетот на самиот воздух, спортот и рекреацијата во детските установи – и предучилишните и училишните. Посебно прашање е современата медицинска етика. Лозинката на агресивните фармаколози гласи: нема здрави луѓе, туку само оние што не се темелно прегледани. За секој, дури и најмал проблем, фармацевтските компании измислиле лек. Уште еден важен фактор се компјутерите, кои сериозно влијаат врз современото воспитување и комуникација меѓу децата и родителите.

Моделот на машко однесување се формира тогаш кога детето го гледа својот татко или својот дедо.

Го наведувам ова за да ја истакнам пораката дека родителите често ги користат климатските фактори како оправдување за своите грешки и мрзливост бидејќи здравјето и имунитетот на детето најпрво се формираат преку начинот на живот. А мама и тато се тие што го обликуваат начинот на живот на детето.

Кога родителите не можат да проценат што е добро, а што лошо за нивното дете, кога не умеат да организираат правилна нега, односно режим на исхрана, вежбање, прошетки, капење и да даваат основна медицинска помош при чести детски болести, тоа доведува до тоа родителите „во еден глас“ да го обвинуваат лошото време, загадениот воздух, неорганизираната држава, лошите лекари итн.

Уште една типична заблуда е што мнозинството возрасни се убедени дека постои лек кој на волшебен начин може да ја зајакне имунолошката одбрана кај децата. Такви лекови всушност не постојат, а она што се продава на рафтовите во аптеките се само „шарени лаги“. Употребата на тие препарати служи само за родителите да можат да „изгледаат“ како да направиле нешто добро за своето дете. Другата цел на продажбата на таквите лекови е да им се наполнат џебовите на производителите.

Ако сакате вашето дете да не боледува, ако сакате да се адаптира брзо и лесно на условите и околностите кои многу брзо се менуваат, тогаш читајте, информирајте се. Но, пред сè, не дозволувајте детето да биде премногу облечено, не хранете го премногу, поттикнувајте дневна физичка активност и не држете го детето во „стерилни“ услови. Поминете повеќе време со децата на свеж воздух и не давајте им „волшебни“ апчиња за јакнење на имунитетот. Пред сè, на децата им требаат мама и тато.

Целото човештво, особено неговиот најцивилизиран дел, сега се соочува со многу сериозен проблем. Децата повеќе го гледаат телевизорот отколку мајката и таткото, и почесто комуницираат со уреди отколку со живи луѓе.

Најстрашно е тоа што на децата навистина им е поинтересно и позабавно да поминуваат време со паметен телефон или компјутер отколку со мама и тато.

Секако, не треба ситуацијата да се препушти на случајноста, туку да им се даде она што е најдрагоцено на мнозинството родители, а тоа е слободното време. Мама и тато често не сфаќаат дека им даваат на децата уреди за да имаат време за себе. Така, родителите свесно купуваат уреди за децата, а потоа мора своето слободно време да го трошат на посети кај логопеди.

Зборувајте, разговарајте со своите деца, коментирајте што гледате, пејте песни, читајте пред спиење, прашувајте ги децата и трпеливо слушајте ги нивните одговори. Не дозволувајте да ве мрзи да одговарате на прашањата што вашето дете ви ги поставува.

Извор

Поврзани написи

To top