Совети

Зошто децата токму пред спиење најмногу зборуваат (не е за да го одложат спиењето)

Некаде помеѓу изговореното „добра ноќ“ и моментот кога навистина ќе заспијат, децата поминуваат низ нешто што многу родители го забележуваат, но ретко го разбираат. Го гасите светлото, ги покривате и токму тогаш, кога веќе сте тргнале кон вратата, слушате: „Мамо, нешто да ти кажам.“

И започнува. За другарот кој му рекол нешто што го повредило. За смешната играчка што ја донела другарката. За стравот од утрешното испитување. За новата епизода од цртаниот филм што го сака.

Првата реакција е секогаш иста, чувствувате нервоза, речиси бес. Доцна е. Уморни сте. Утре е нов ден полн со обврски и за вас и за него, толку многу работи треба да се завршат, а тоа повторно го одложува спиењето. Но, тоа вечерно зборување не е манипулација. Тоа е нешто многу поедноставно и многу поважно, тоа е дете кое конечно е доволно безбедно за да проговори.

Експертите што се занимаваат со детскиот развој и приврзаноста одамна зборуваат за она што се нарекува „вечерен прозорец“, прозорец кој се отвора во вечерните часови, кога ќе исчезнат сите улоги што ги игра детето во текот на денот. Исчезнува притисокот да биде добро, уредно, успешно, популарно. Нема повеќе училишни задачи, нема оценки, нема врснички погледи кои мерат и проценуваат. Останува само она што е, дете во мракот, под јорганот, покрај родителот. И нервниот систем го препознава тоа.

Истражувањата покажуваат дека децата полесно зборуваат за емоционални и тешки теми во хоризонтална положба, во полуосветлена просторија, без контакт со очите. Тоа не е случајност, тоа е физиологија. Намалениот визуелен влез ја намалува активацијата на амигдалата, делот од мозокот задолжен за стрес и одбранбени реакции. Детето, буквално, невролошки се отвора. Она што цел ден го чувало, потисната мисла, нешто што го повредило, нешто од што се срами или плаши, почнува да излегува на површина дури во таа тишина, со вас, кога сè друго ќе застане.

Деновите на децата денес не се ниту лесни ниту разиграни. Ова не го зборуваме за да драматизираме, туку затоа што е вистина која премногу се нормализира. Училиштето започнува рано и носи притисоци кои се сè потешки и сè порани. По училиштето доаѓаат активностите, домашните задачи, екраните кои го одземаат вниманието, но не даваат одмор.

Врсничките односи се сè посложени, а дел од детскиот општествен живот се одвива на платформи кои се дизајнирани да предизвикуваат анксиозност. Децата носат голем товар и најчесто го носат тивко, бидејќи не знаат како да го именуваат или не го наоѓаат вистинското време да кажат.

Тој момент доаѓа навечер.

Не е случајно што токму тогаш го прашуваат она што го прашуваат. Тогаш конечно ве добиле само за себе. Тогаш нема брзање, нема следна задача, нема телефон кој вибрира помеѓу вас. И детето го чувствува и го користи тоа.

Кога родителот останува и слуша, кога не брза и не наоѓа решенија набрзина, кога е тука, детето добива нешто што е неопходно за здрав развој: потврда дека е доволно важно за некој да застане поради него. Дека неговите мисли се вредни за внимание. Дека не е само. Таа потврда не е апстрактна, таа се запишува во нервниот систем. Дете кое се чувствува слушнато и безбедно пред спиење влегува во сон од сосема поинакво место во споредба со детето кое заспало со нешто неискажано во себе. Спие подлабоко, се буди помалку анксиозно, полесно ги регулира емоциите во текот на следниот ден. Она што многу родители го доживуваат како заморно вечерно зборување, всушност, е најважниот разговор тој ден, понекогаш и во целата недела.

Сè што бараме од вас е петнаесет минути. Седнете на работ од креветот. Исклучете го телефонот, не намалувајте го звукот, туку исклучете го. Кога детето ќе каже „да ти кажам нешто“, речете „слушам“ и навистина слушајте. Не мора да имате одговор. Не мора да најдете решение за она што го кажува. Понекогаш е доволно само да го сослушате и да кажете „разбирам“, и детето ќе знае дека не е само.

Децата што го имаат тој простор растат поинаку. Поотворени се, со поголема самодоверба, поотпорни. И кога еден ден, за десет или петнаесет години, ќе наиде нешто навистина тешко, ќе имаат навика да дојдат кај вас. Бидејќи ќе знаат, од искуството собрано во стотици такви вечери, дека вие слушате.

Немојте да го прескокнете тој прозорец. Тој се затвора побрзо отколку што мислите.

Извор

Поврзани написи

To top