Воспитување

Ранко Рајовиќ: „Зборувам 10 години, но никој не слуша. Она што ние денес го дозволивме, родителите пред 30 години никогаш не би го направиле“

Децата денес уште од мали растат со телефони, а многу рано влегуваат и во виртуелниот свет на социјалните мрежи.

Д-р Ранко Рајовиќ е експерт за ран детски развој, а родителите ги обожаваат неговите совети. Иако не е баш пријатно кога врз основа на неговата приказна ќе сфатат дека во нешто грешат, д-р Рајовиќ во своите излагања сепак никого не осудува, туку се обидува да ги насочи родителите како на што подобар начин да ги одгледуваат своите деца за да ги искористат сопствените потенцијали.

Гостувајќи во поткастот Lood, Рајовиќ зборуваше за тоа колкаво влијание врз развојот и воспитувањето на децата има опкружувањето, во кое некогаш главни беа родителите, бабите и дедовците, а денес – непознати луѓе кои преку социјалните мрежи влијаат врз нашите деца.

Што го насочува нашето однесување? Зборувавме за тоа како кога детето ќе прооди, ние велиме „браво“. Пофалбата за него значи дека направило нешто добро. Па потоа кога сака да научи да вози велосипед… Се мачи еден ден, два дена, по пет метри, паѓа, го држиме три метри, и еве го – одеднаш тргнува 20 метри. Повеќето деца застануваат, тоа е на четири-пет години, ги гледаат таткото, мајката, минувачите, како да сакаат да кажат „јас знам да возам велосипед“, можеби и врескаат од среќа. Мозокот научил – ова беше тешко и ти го совлада тоа – тие се среќни.

А што прават мама и тато? Браво! Баба и дедо велат браво… Значи, пофалбата ни кажува дека правиме нешто добро и тоа нè насочува. Меѓутоа, кога ќе добијат социјална мрежа и кога ќе објават некоја снимка – ако детето го измие автомобилот со татко му и тоа го стават на „Јутјуб“, колку лајкови ќе добијат? Пет, и тоа е многу. Но, ако направат нешто лошо, ужасно, колку лајкови добиваат? Двесте, триста, петстотини. Тоа, значи, е пофалба и што им вели мозокот? „Е, ова супер го направивме, добивме 500 пофалби!“


Тие прават работи за лајкови. Значи, нè насочува непозната група луѓе од социјалните мрежи која ни вели „браво“ и нашето дете го насочува однесувањето според лајковите. Кога било тоа порано? Никогаш!“ – рече д-р Рајовиќ, па продолжи:

Кога родителите пред 30 или 50 години дозволиле непознати луѓе да го насочуваат нивното дете? Па, никогаш не би го дозволиле тоа, но тоа се случува на социјалните мрежи. Ние ги пуштивме децата во тој свет. Се плашам да не платиме висока цена, тоа мора да се регулира. Јас зборувам 10 години: дајте им телефони, ама не пред 12-тата година, немојте ни пред 14-тата. Никој не слуша. Како демек – па сите имаат, па има и мојот син. Чекај, не се работи за твојот син или ќерка. Тие овде влегуваат во една замка од која не можат да се извлечат. Затоа што тука зависноста многу брзо се јавува, за 15 дена е готово – веќе почнуваат караници, веќе не го даваат својот телефон, па ги лажат мама и тато…

Го чуваат во соба и потоа го вклучуваат телефонот од еден до три наутро, а ние и не знаеме што прават. Значи, тоа е таква измама што тие влегуваат во виртуелниот свет, а таму сè се случува брзо, добиваат пофалби, сè оди многу брзо, мозокот им трепери. И што е тогаш проблемот? Кога ќе излезат во реалниот свет, сè им е досадно. Не можат да седат, не можат да пишуваат, да учат, немаат концентрација, па тоа го гледаме денес – повторно предупредува Рајовиќ.

Извор

Поврзани написи

To top