Родителите навистина имаат многу одговорности, да ги научат своите деца на вредни лекции, да се грижат за нив во секоја смисла, а притоа да ги извршуваат нивните работни задачи и домашните обврски… Во овој виор од секојдневни одговорности не е лесно да се заборават два важни збора што децата треба да ги кажуваат почесто, но треба да им се упатуваат и ним – „те молам“ и „благодарам“.
-Постојат два збора што родителите често забораваат да ги кажат, но децата очајно треба да ги слушнат: „те молам“ и „благодарам“. Штом моите деца почнаа да зборуваат, ги научив да кажуваат те молам и благодарам – не само затоа што сакав да звучат како добро воспитани, туку затоа што сакав да знаат што е благодарност. Сакав да знаат дека има нешто прекрасно и исполнувачко во тоа да се цени она што ви е дадено. Плус, на крајот се чувствувам како слуга наместо како нивна мајка ако не ми се заблагодарат за она што го правам за нив. Кога моите деца искрено ми се заблагодаруваат, ме преплавуваат добри чувства и се чувствувам подобро во врска со долгите листи со обврски пред мене – пишува новинарката Венди Вајснер.
-Сепак, си помислив: дали доволно им се заблагодарувам на моите деца? Да, се заморувам од бескрајно истурање вода во чаши, вадење милион парчиња храна од фрижидерот, бришење лигави носиња и собирање валкани чорапи од подот. Но, не им е лесно ни на моите деца.
Тешко е да се биде мал, особено кога светот очекува поголемиот дел од времето да се однесуваш добро и во основа да имаш ред во животот, кога не можеш ниту да прочиташ реченица ниту да возиш автомобил. Наутро, моето малечко никогаш не сака да престане да си игра за да можам да му ја сменам пелената и да му облечам чиста облека. Но, навистина, кога е зафатено со игра, го прави точно она што треба да го прави: ја користи својата имагинација, глуми и едноставно е дете.
И потоа доаѓам и барам веднаш да престане затоа што мора да го однесеме неговиот постар брат на училиште навреме. Сепак, секое утро на крајот се покорува (добро, понекогаш го поткупувам со лижавчиња). Трпеливо лежи таму додека го пресоблекувам, а понекогаш дури и се кикоти на моите смешни песни и скокоткање. Секој ден, излегуваме од вратата, најчесто сите заедно и најчесто навреме.
Колку често му се заблагодарувам на моето дете што направило нешто што очигледно не сакало да го направи? Колку често му покажувам колку сум благодарна што ја завршил својата многу важна игра во време што му изгледало сосема произволно? Не доволно. Тоа е одговорот. Не му се заблагодарувам доволно – продолжила таа.
Таа зборува и за постариот син кој, и покрај сите негови протести и нејзиното убедување, на крајот ја пишува домашната задача. Венди продолжува да опишува зошто е важно да се искаже благодарност.

-Кога им се заблагодарувам на моите деца, им светнуваат очите. Се чувствуваат посебно во тој момент, како едноставната задача да облечат чевли да ги прави рок-ѕвезда. Секако, правењето на она што треба да го прават не ги воздигнува до статус на славна личност, но секојпат кога ќе направат тешка работа, тие созреваат и се развиваат на значаен начин. Заслужуваат да го почувствуваат изобилството на мојата благодарност. И само со тоа што одвојувам време да им се заблагодарам, се потсетувам колку се навистина добри. Затоа, драги деца, ви благодарам што ги правите сите тие здодевни работи.
Во иднина ќе видите дека моето учење да ги правите овие работи беше најдобра опција. Ќе видите дека понекогаш во животот нешто се мора. Засега, тешко ви е да го согледате тоа. Ви благодарам и што научивте да бидете благодарни на мене, на вашите наставници, на вашите пријатели… Најмногу од сè, ви благодарам што сте свои. Вие сте токму такви деца какви што требаше да бидете: неуредни, слободоумни, љубопитни и креативни – заклучила мајката Венди.