Затнат солзен канал (дакриостеноза) е честа појава кај новороденчињата, особено во првите месеци од животот. Се јавува кога солзниот канал, кој ги дренира солзите од окото во носната шуплина, не е целосно отворен. Ова може да предизвика постојано солзење, солзи што течат по образот, па дури и повремено воспаление со гноен исцедок.
Симптоми:
-Постојано солзење на очите
-Солзи што течат по образот
-Лепливи трепки, особено по спиење
-Повремен жолтеникав исцедок.
Третман:
-Масирање на солзниот канал: нежно притискање со прст по внатрешниот агол на окото кон носот, неколку пати на ден – тоа може да помогне во отворањето на каналот.
-Хигиена на очите: Чистете ги со стерилна газа и физиолошки раствор.
-Антибиотски капки: Како што препорачува педијатарот, доколку се појави инфекција.
-Офталмолошка интервенција: Во ретки случаи, ако каналот не се отвори спонтано до крајот на првата година од животот, може да се размисли за сондирање.
Автор: д-р Петра Џепина – специјалист педијатар