Одам на роденден кај својот внук. Тоа ќе биде моето прво излегување по долго време, а воедно и прекрасна можност да се пофалам со мојот син. Го облекував и пресоблекував сто пати за да ја најдам вистинската комбинација за неговата прва забава. Има и пруги, и кошула и окер панталони, па тоа е момче и пол со само три месеци.
И додека со насмевка на лицето гледам како семејството се радува на дојденецот, ми одѕвонува во ушите некој глас: Погледнете како му се врти главата на ова дете! Воопшто не ја држи цврсто, само му лета ваму-таму. Што не е во ред со неговиот врат?
Не дишам. Не трепнувам. Нешто ми заглавува во грлото, не можам да голтам. Сестра ми ми ја подава тортата, а на лицето ѝ се гледа дека го моли Бога да не сум го слушнала кажаното. Во главата ми вреска глас: Можно ли е некој вака да коментира за туѓо дете?! Можно ли е некој вака да коментира за моето дете?!

Од првата наша заедничка секунда умирав од грижа. Ги истражував сите ризик-фактори што доведуваат до предвремено породување. Често се обвинувам себеси што му го скратив тој месец во стомакот. За три месеци неговиот здравствен картон е подебел од нечиј за цел живот. Секој час проверувам дали главата му е во правилна положба или е навалена. Кај физијатарот сме од неговиот осумнаесетти ден, а вежбаме од четириесет и петтиот ден по четири пати на ден. И тоа токму таа глава! Токму тој врат. Се плашиме и се надеваме. И гледаме напредок. И денес го дотерав и уште ќе коментираат дека му се ниша главата!
Чувствувам жештина од неискажаните мисли. Веќе не ми се јаде ни торта. Само сакам да си одам дома. Како и да е, една насмевка, колеблива и несигурна, ми беше доволна да разберам: Па, ова е првата забава на моето дете. Сега мама и синот ќе танцуваат, а неговата глава ќе биде на моето рамо.
Автор: Маја Радовиќ