Игротека

Запознајте ја 12-годишната Луа, која отвори своја библиотека во Бразил

Пред шест месеци, на саемот за книги во Сао Пауло, 12-годишната Луа Оливиера слушнала нешто што ја вознемирило: една мајка ѝ рекла на својата ќерка дека нема пари да ѝ купи книга што чинела околу 60 центи.

– Морам да направам нешто – си помислила Луа.

Проект што бил дел од саемот за книги бил мотив девојчето да основа библиотека во нејзината локална заедница, единствена од својот вид.

Библиотеката ја претворила Луа во локален лидер инспирирајќи други млади луѓе во соседните градови.

Користејќи го телефонот на нејзината баба, Луа објавила видео на „Фејсбук“ во кое ја објаснува идејата за библиотека и во кое бара донации за книги. Видеото стана вирално и таа почнала да прима безброј кутии со книги, како и покани да се појави на телевизија.

Бидејќи книги постојано доаѓале, на Луа ѝ било потребно место за да ги смести. Преправајќи се дека е нејзината баба, таа испратила порака на „Вацап“ до потпретседателот на здружението на нејзините мештани барајќи таков простор. (Тој знаел дека е Луа, но сепак се согласил на планот.)

Нејзината нова библиотека почнала да работи со 18.000 книги во мала соба во центарот на нејзината локална заедница.

Книгите продолжиле да доаѓаат. Откако го објавила видеото, продолжила да добива по 1.500 книги неделно. Таа објаснува дека нејзиниот план е да донира книги во библиотеките низ цел Бразил.

Во меѓувреме, децата во заедницата на Луа редовно ја посетуваат нејзината библиотека.

– Сакам да доаѓам тука. Доаѓам речиси секој ден. Библиотеката ми овозможува да правам нешто кога не сум на училиште. Порано само играв фудбал и видеоигри – вели 10-годишниот Даниел Насцименто.

Откако открила дека нејзиниот глас може да има влијание, Луа почнала да ја зголемува свеста за други проблеми со кои се соочува нејзината заедница. На почетокот од годинава таа го повикала градоначалникот на Рио, Марсело Кривела, затоа што го запоставувал проблемот со канализацијата.

– На 12-годишна возраст јас направив повеќе за мојата заедница отколку што направивте во текот на целиот ваш мандат – рекла таа за „Екстра“, еден од најраспространетите дневни весници во Бразил со седиште во Рио де Жанеиро.

Критиката била прифатена како позитивна, а Кривела испратил луѓе да се сретнат со Луа и лично да разговараат за проблемите. Тој се согласи да ги направи потребните поправки на водоводните и водните системи во нејзината заедница.

Што се однесува до плановите за иднината, Луа вели дека не е заинтересирана за политика, но нејзините можности за кариера остануваат отворени. Таа размислува да стане актерка или ветеринар и дури размислува да отвори засолниште за кучиња скитници и мачки. Судејќи според успехот на библиотеката, тоа засолниште со сигурност би било хит.

Извор

Фото: Фејсбук

Поврзани написи

To top