Со текот на годините стриповите на „Марвел“, а потоа и филмовите, предизвикувале воодушевување кај публиката. Приказните за суперхерои кои го спасуваат светот сега се збогатени со уште една приказна. Со наслов: „Виталните: Вистински приказни на медицинските сестри“ – создаден е нов стрип кој ги раскажува искуствата на суперхероите од вистинскиот живот – медицинските сестри и лекарите кои секојдневно ги ризикуваат своите животи за да ги спасат луѓето од Ковид-19.
Одличната идеја да се креира стрип за да се изрази почит кон храбрите здравствени работници била предложена од „Алегени здравствена мрежа“ и „Хајмарк здравје“, кои ја презентирале идејата на маркетинг-состанок пред неколку месеци. За да ја реализираат оваа визија, маркетинг-директорот на „Алегени“, Лиса Хакстин, се обратила до „Марвел“. На компанијата ѝ се допаднала идејата и побарала од болницата да им испрати одредени искуства поврзани со борбата со Ковид-19 низ кои поминувале медицинските сестри. Во стрипот има 3 приказни, избрани од авторот од „Марвел“ – Шон Рајан, а се базирани на 8 искуства на медицински сестри од 13 болнички установи во Западна Пенсилванија.
Едната од нив раскажува како болничкиот персонал се бори да спаси пациент кој има проблеми со дишењето. Втората се однесува на медицински сестри кои им помагаат на изолирани пациенти да останат поврзани со своите сакани преку технологија, додека третата го прикажува влијанието на пандемијата врз личниот живот на медицинските сестри.
– Во „Марвел“ раскажуваме приказни за херои секој ден. Но, оваа приказна е посебна. Раскажува за нашите секојдневни херои – медицинските сестри и здравствените работници кои неуморно и храбро работат за да спасат животи. Почестени сме што можеме да помогнеме овие приказни да се раскажат и им ги посветуваме на реалните херои што го спасуваат светот – изјавил Ден Бакли, претседател на „Марвел ентертејмент“.
Стрипот бил доставен до сите медицински сестри во „Алегени“, заедно со кутии со колачиња на 3 декември, а исто така е достапен и онлајн на Marvel.com. Компанијата објавила и видео во кое се прикажуваат реакциите на семејствата на медицинските сестри кога го читаат стрипот.

– Воодушевени сме од храброста на нашите медицински сестри, кои го ставаат своето здравје во ризик за да се грижат за ранливите пациенти. Многу сме горди на нив и сакаме да знаат колку многу ја цениме нивната извонредна работа. Се надеваме дека ќе се видат себеси како вистински суперхерои и дека секогаш ќе гледаат со гордост кон својата работа, како и сочувството што го делат во ова исклучиво тешко време – истакнала Клер Зангерли, извршен директор во „Алегени“.
„Марвел“ и „Алегени“ се надеваат дека луѓето низ светот ќе го споделуваат овој стрип со пријателите и семејството преку социјалните медиуми за да се крене свеста за овие извонредни луѓе. Заблагодарете им се на лекарите, медицинските сестри и многубројните други вистински суперхерои кои неуморно работат за да ги зачуваат заедниците безбедни и здрави во овие неизвесни времиња.
Автор: Кави Доласија