Понекогаш децата знаат подобро од возрасните што е добро за нив. И кога ги тераме да направат нешто што не им се допаѓа, добиваат сила да се бунтуваат, да не послушаат, знаејќи дека тоа не им одговара. Таков пример имаме во најновата сказна „Малата вештерка“. Иако нејзината тетка-баба лошата вештерка ја учи како да прави лоши работи, малата вештерка едноставно не успева во тоа. Таа сака убави работи, да мириса рози, да си игра со животните и да има другарче. Прочитајте им ја оваа сказна на децата, крие и други многу важни пораки.
Внимавај сега, следната магија мора да успее! – вресна вештерката и замавна со стапчето кон една мала пеперуга што слетуваше на една роза. – Тума умба румба, пеперуга во бумбар – и пеперугата се претвори во црн бумбар.
Но, кога малата вештерка се обиде да го стори истото, пеперугата стана уште поголема и пораскошна!
– Аааааааааааа. Грааааа. Неспособна една. Од тебе нема да биде вистинска вештерка, никогаш! – крескаше старата злобница. – Одам сега да спијам, а ти да претвориш неколку животни во нешто гадно, слушна? Или ќе те претворам јас тебе!
Ох, кутрата мала вештерка. Длабоко во себе не сакаше да прави лоши магии. Таа само сакаше да ги мириса цвеќињата, да си игра со животните и да има другари. А немаше ниту едно другарче на целиот свет!
– Та-на-на-на, тра, ла, ла, ла. О, оу, оу, оу, хе, вештерскиот живот тежок е! – пееше малата вештерка без да забележи дека некој ја набљудува.
– Абра кабра каче, лебарка во маче! – викна малата вештерка кога здогледа една џиновска лебарка како се тетерави, замавна со стапчето и… ЛЕБАРКАТА СЕ ПРЕТВОРИ ВО МАЧЕ!