Не е лесно да се избере име за детето, но повеќето родители имаат некакви насоки што сакаат да ги следат – обично тоа не е агресивноста. Сепак, некои намерно ја истакнуваат.
Најчесто имињата што ги избираме имаат одредена симболика – сакаме да звучат нежно, храбро, моќно или значајно. Но, ретко кој би помислил да му даде на своето дете име поврзано со насилство.
Растечки тренд во САД: Имиња инспирирани од оружје
Иако кај нас овој феномен сè уште не е забележан, во САД сè почесто се појавуваат имиња поврзани со оружје.
– Иако не е широко распространет, постои тренд на родители кои на своите синови им даваат имиња инспирирани од оружје и агресија. Многу од овие имиња првпат се појавија на листите со бебешки имиња во почетокот на веков, вклучувајќи ги Весон (име на пиштоли и револвери), Калибер (калибар), Шутер (стрелец) и Тригер (чкрапало) – вели Софи Ким, главна уредничка на веб-страницата „Нејмбери“ која се занимава со најпопуларните бебешки имиња.
Меѓу другите агресивни имиња што стануваат популарни во САД се Блејд (острица, сечиво), Кенон (топ), како и имиња поврзани со брендови на оружје – Ремингтон, Колт, Винчестер. Се појавуваат и имиња како Арсон (подметнување пожар), Катер (сечач) и Дегер (бодеж).

Зошто родителите ги сакаат овие имиња?
Тешко е да се пронајде логично објаснување, но експертите сметаат дека дел од родителите ги поврзуваат ваквите имиња со бунтовништво.
– Родителите што избираат вакви имиња веруваат дека тие носат дух на непокорност, што станува сè почеста тема кај модерните бебешки имиња – вели Ким.
Таа додава дека во подем се и имиња како Маверик (авантурист), Датон, Стетсон и Боун, кои имаат каубојски призвук. Покрај тоа, имињата инспирирани од оружје често звучат како презимиња, а давањето име што звучи како презиме е тренд кој станува многу популарен.
Политика, родови норми и избор на имиња
Некои родители ги избираат овие имиња како начин да ги истакнат своите конзервативни вредности, особено поврзани со полот или оружјето.
Основачката на веб-страницата „Бејбинејмс“, Џенифер Мос, смета дека дел од родителите што избираат „насилни“ имиња за своите деца се чувствуваат загрозени од современите општествени промени.
– Овие родители можеби се плашат дека нивниот син нема да биде доволно „мажествен“, па затоа избираат име кое симболизира агресија или сила, надевајќи се дека тие особини ќе се одразат врз него – објаснува таа.
Што велат експертите за имиња?
– Ретко јавно се спротивставувам на некој тренд во именувањето, но не можам да поддржам имиња инспирирани од оружје – вели Ким.
Таа смета дека овие имиња промовираат насилство и го нормализираат во општество каде што тоа е сè почеста појава.
– Имињата поврзани со оружје се особено проблематични бидејќи го поврзуваат вашето дете со инструмент за уништување или смрт. Освен тоа, може да станат предмет на потсмев, а луѓето можат да претпостават дека припаѓате на култура која поддржува насилство – предупредува Мос.
912