Здравје

Загрижувачки тренд: Расте бројот на деца што влегуваат во пубертет пред осумгодишна возраст

„Во последно време, преку работа во клиничката практика, забележавме голем пораст на бројот на деца со предвремен пубертет“, изјави Весна Миљковиќ, специјалист педијатар и супспецијалист ендокринолог во Универзитетскиот клинички центар на Република Српска, додавајќи дека медицината не нашла начин да го спречи тоа.
„Предвремен пубертет се дефинира како појава на знаци на пубертет пред осумгодишна возраст, кога зборуваме за девојчиња или пред девет години за момчиња“, вели Миљковиќ во интервју за „Независне новине“.

Доколку се работи за вистински предвремен пубертет од централен тип, потребно е децата да добијат терапија која го прекинува овој пубертет, објаснила оваа докторка.

„Терапијата е неопходна поради психолошката незрелост на децата, на возраст кога се јавува предвремен пубертет, како и порано завршување на растот, што на крајот доведува до тоа децата да не ја достигнат одредената висина, т.н. генетски потенцијал – остануваат пониски отколку што би требало да бидат ако пубертетот дошол во период кој се смета за физиолошки“, објаснила Миљковиќ.

Како што вели таа, не се познати точните причини за појавата на предвремениот пубертет, освен во ретки случаи кога причината може да биде тумор на мозокот или некое од другите ретки мозочни заболувања, кои кај секое дете со дијагноза на вистински предвремен пубертет од централен тип ги исклучуваме со правење снимка со магнетна резонанса, на ендокраниумот и хипофизата.

„Со оглед на тоа што бројот на овие деца се зголемува, повеќе фактори влијаат врз оваа појава. Медицината не најде начин да го спречи тоа“, објаснила Миљковиќ.

Таа посочува дека пубертетот кај девојчињата и момчињата започнува со појава на знаци на пубертет, кај девојчињата најмногу е присутен растот на градите, но прв знак може да биде и појавата на срамни влакна.

-Момчињата прво доживуваат зголемување на волуменот на тестисите. На сите овие знаци им претходи т.н. претпубертетски скок на раст, кога родителите ни кажуваат „дека нивните деца некако наеднаш пораснале во висина“ – вели Миљковиќ.

Таа додала дека мора да се нагласи оти е нормално девојчињата да влегуваат во пубертет порано отколку момчињата, а почетокот на пубертетот зависи и од тоа кога мајката на девојчето влегла во пубертет, односно кога таткото на момчето влегол во пубертет.

„Потребно е децата редовно да одат на систематски прегледи кај своите педијатри, а подоцна и кај лекарите по семејна медицина. Исто така, доколку родителите забележат раст на градите кај децата, појава на влакна во пределот на гениталиите или под пазувите, треба да се јават кај својот лекар“, објаснува Миљковиќ.

Според неа, научните студии не пронашле врска помеѓу одредени намирници или начини на исхрана со почетокот на предвремениот пубертет.

„Секако дека во иднина треба да ја истражиме појавата на врски помеѓу одредени адитиви или други прехранбени додатоци. Постојат јасно дефинирани критериуми, како и дополнителни тестови кои мора да се направат за да се постави дијагноза на вистински предвремен пубертет. Кога ќе ја поставиме таа дијагноза, тогаш се советува терапија“, заклучила Миљковиќ.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top