Веќе е доволно тешко секојдневно да се носат одлуки околу исхраната на семејството, но проблемот станува уште посериозен кога и амбалажата е закана. Ново истражување, објавено во јуни 2025 година во списанието „Сајнс оф фуд“, открива дека сосема вообичаени активности како отворање капаче од шише вода, отворање сувомесни производи или загревање храна во пластичен сад во микробранова можат директно да ослободат микропластика и нанопластика во храната и пијалаците што ги консумираме.
Истражувачот Лиза Цимерман вели дека не е проблем само материјалот, туку и начинот на користење на пластиката, како отворање, загревање, миење, што придонесува за ослободување на ситни честички. Со секое отворање на шише бројот на микропластични честички се зголемува.
Што покажа истражувањето?
Микропластиката и нанопластиката се наоѓаат и во храната што ја јадеме, не поради несреќен случај, туку поради начинот на секојдневна употреба на пластиката.
Најчести извори се:
- пијалаци во шишиња, особено оние што повеќепати се отвораат и затвораат;
- вакуумирани сувомесни производи и сирења;
- готови оброци за микробранова или храна за носење во пластични садови;
- овошје и зеленчук обвиткани во пластика;
Истражувачите истакнуваат дека ултрапроцесираната храна често содржи повеќе микропластика бидејќи поминува низ повеќе производствени фази и е подолго во контакт со пластична опрема. Во САД ваквата храна опфаќа над половина од просечната исхрана, а во Европа околу 44 отсто.
Друго истражување открило до 240.000 пластични честички во еден литар вода во шише, од кои околу 90 отсто биле нанопластика доволно мала за да помине во крвотокот.

Зошто ова е важно за родителите?
Микропластика е пронајдена во плацентата, што отвора прашања за можни врски со предвремено породување. Честички се откриени и во мајчиното млеко, течноста околу јајчниците и папочната врвца. Експерименти со глувци покажале дека нанопластиката може да ја премине плацентата и да стигне до фетусот.
Иако научниците нагласуваат дека истражувањето е во рана фаза и нема цврсти докази за штетност, резултатите укажуваат дека пластиката може да продира подлабоко во телото отколку што се мислело.
Што реално можат да направат родителите?
Совети од експертите
- Користете стаклени или метални садови за складирање храна и пијалаци;
- Избегнувајте загревање храна или адаптирано млеко во пластика;
- Купувајте свежи или непакувани производи;
- Не користете стари или оштетени пластични садови;
- Избегнувајте пластика со ознаки #3 (фталати), #6 (стирен) и #7 (BPA и мешани пластики).
Секоја мала промена може да помогне во намалувањето на изложеноста на семејството на пластика.
Проблемот со пластиката е глобален и бара големи решенија, но знаењето за потеклото и начинот на навлегување на микропластиката во нашата храна е првиот чекор кон заштита на здравјето.