Трудниците се среќаваат со многу, често необични состојби и чувства. Ви ги издвојуваме најчестите емотивни промени што се случуваат во бременоста и совети како да се справите со нив.

Кога станува збор за разните животни улоги на жените, улогата на мајката е на прво место. Благодарение на оваа улога, многу трудници повторно стануваат блиски со своите мајки. Подобро ги сфаќаат бидејќи почнуваат да размислуваат за себе како за мајка. Секако, не се позитивни сите промени што се случуваат во овој период. Голем број бремени жени почнуваат да чувствуваат стравови во врска со бебето и неговата здравствена состојба, страв во врска со одговорноста што ги очекува, но и поради промената во животот со партнерот. Освен тоа, ќе се јават и некои сосема обични, „чудни“ желби што понекогаш за идната мајка ќе бидат приоритетни. Како што тече бременоста, така ќе се менува и однесувањето на трудницата: некогаш ќе биде еуфорична, некогаш депресивна, некогаш загрижена…

Првите три месеци од бременоста

Необични желби

Желбите на бремената жена некогаш може да бидат многу необични. Затоа веднаш се забележува бременоста кога, на пример, жената во текот на зима сака јаготки или кисели краставички среде ноќ. Тоа се промени на вкусот што ги носи бременоста. Кај жената што има проблеми со мачнини и повраќање се јавува одбивност кон храната, бидејќи и самата помисла на некоја храна (дури и ако претходно ѝ била омилена) ја зголемува непријатноста. Таквите промени кај одредени трудници може да влијаат и врз психичката стабилност. Но, ситуацијата значително ќе се поправи со влегувањето во второто тримесечје од бременоста.

Убаво и помалку убаво

Повеќето бремени жени имаат различен став кон сопствената бременост. Од една страна, идните мајки чувствуваат дека новиот живот што е создаден во нивното тело е неверојатно искуство, а од друга страна, се јавува загриженост поради новите организации на животот, финансиски ситуации, односите со партнерот и пријателите итн. Поради ваквите емоции, жените чувствуваат страв, а често и вина. Но, тоа е нормален тек на приспособување на бременоста.

Од третиот до шестиот месец од бременоста

Малку стабилност

Ова е најубавиот период од бременоста, кога конечно престануваат мачнината и другите тегоби. Жената полека се навикнува на новата состојба и улогата што ја очекува. Во овој период првпат ќе ги почувствувате движењата на бебето, што позитивно ќе влијае врз вашето расположение. Станувате свесни дека носите живо суштество, а не имагинарен фетус, што ви изгледа чудно дури и на фотографиите. Вашиот стомак полека се зголемува, но сè уште не постигнал големина што ќе ви го отежнува движењето и ќе ве прави тешка и тромава. Уживајте што повеќе во овој период од бременоста бидејќи ќе ви биде потребна сила за она што од вас ќе се очекува.

Од шестиот месец до крајот на бременоста

Страв од породување

Последните месеци од бременоста за некои жени повторно носат емоционална нестабилност. Може да се појават умор и раздразливост. Се мешаат неизвесноста и грижата поради пораѓањето. Последниот ден на чекање за породување за некои жени ќе помине мирно, додека другите одеднаш ќе добијат неодолива потреба за „големо“ подготвување на домот. Но, наскоро ќе дојде денот кога сè ќе се реши, а потоа уживајте во мајчинството!



912

X