Загорка вели дека идејата да почне да изработува креативни оброци била за да го вклучи синчето и да имаат поинакви активности. Барала да биде нешто интересно, несекојдневно, а истовремено и нешто што двајцата заедно ќе го креираат

Пандемијата на сите ни го промени текот на животот. Ни ги смени секојдневието, начинот на работа и социјалниот живот. Има сè помалку дружење, а децата повеќе се затворени дома. Намерата да најде начин како да го заигра четиригодишниот син и како да му го направи секој ден поинаков во домашни услови, на Загорка Аврамовска од Скопје ѝ донела креативна идеја.

Речиси секој ден со малиот Бојан подготвуваат интересни оброци сервирани на еден поинаков начин од она што сме навикнати да го гледаме. Секој негов нов оброк содржи различна фигура. Тој јаде пржени јајца во форма на часовник со стрелки од краставички, парчиња од проја во форма на куќа, цвеќиња и дрвца, киви што личи на змија, домашно подготвена паштета декорирана во лик на мајка и дете со маски, воз од лепчиња намачкани со чоколаден крем.
Загорка вели дека идејата да почне да изработува креативни оброци била со цел да го вклучи синчето да изработуваат нешто поинакво од тоа што го прави во денот, како цртање, боење и други игри и активности типични за неговата возраст.


Барала да биде нешто интересно, несекојдневно, а истовремено нешто што двајцата заедно ќе го креираат.

– Бојан јаде сè, не прави проблем околу изборот на храна. Вака, покрај тоа што се забавуваме, тој пробува различни производи кои можеби би му биле здодевни и би ги одбивал ако се подготвени секојпат исто – вели мајката.

Најчесто таа го лупи овошјето, ги сечка сите потребни производи за да ја направат сликата, а Бојан ги реди во чинијата, секако по нејзина насока.

– Се случува Бојан да биде гладен, па додека редиме во чинијата, истовремено и да си поткаснува. Некогаш не може да дочека да ја направиме формата од предвидената и однапред договорена слика. Знае да каже дека денеска лавот е многу вкусен, или додека ја држи играчката на жаба Кермит во едната рака, со другата јаде од жабата во чинијата – низ смеа вели Загорка.

Му препуштам да ја одбере темата за следниот оброк

Појадокот, ручекот, ужината или вечерата на Бојан се подготвени од различни зеленчуци, овошја, млечни и месни производи, сервирани во различни форми, а најчесто тоа се фигури на животни, ликови од цртаните филмови што ги гледа, како и сè што среќаваат додека го фаќаат зимското сонце во блискиот парк.

– Бојан уште од мал пројавува интерес да седи со мене в кујна кога готвам, па си помислив дека не е лоша идејата да го вклучам во подготовка на некое јадење. Денот е долг и кога си дома со детенце на таа возраст, мора да биде исполнет со разни активности. Во овој период не посетува градинка поради пандемијата. Сето тоа му недостига, па затоа сакам времето што го минуваме заедно да му биде исполнето – објаснува таа.

Сепак, посочува дека храната што ја подготвуваат е од продукти кои се застапени на нашите пазари и продавници, односно е сезонска.

– Се трудам оброците да бидат разновидни. Не сакам да бидам претенциозна и да речам дека моето дете јаде исклучиво здрава храна зашто гледам таа да биде комбинација од сè, како месо, млечни производи, зеленчук и овошје. Сепак, Бојан јаде и чоколади и разни грицки. Но, гледам сето тоа да биде балансирано – посочува мајката на Бојан.

Вели дека тој е многу љубопитно дете и постојано поставува прашања.

– Секоја вечер пред спиење читаме книга. Штом ќе завршиме, почнуваат прашањата: „Мамо, утре што ќе готвиме?“ Еве, пред некој ден бевме во Зоолошката градина и во сеќавање му останаа змиите. Заедно се потрудивме да направиме десерт од киви и јаболка во форма на змија. Некогаш оброците ни се тема или лик од прочитаната книга, некогаш е нешто што го видел во текот на денот додека шетаме. Секогаш му препуштам да ја одбере темата за следниот оброк – објаснува Загорка.

Децата знаат како да биде забавно

Загорка вели дека не сака да звучи како клише, но има еден мал совет за родителите со мали деца.

– Сè што вие и нивните рачиња ќе создадете заедно не може да ви го испорача ниту една продавница за детски играчки. Не треба посебно да се трудите и да вложувате голем напор, треба само да слушнете што тие сакаат. Потоа е лесно. Приказната сама ќе тече – додава Аврамовска.
Сепак, таа смета дека градинката си го прави своето во развојот на децата.

– Сето тоа што таму изучуваат децата и начинот на кој го прават тоа негувателите и воспитувачките секако дека не е ист како мојот, но во овој период гледам да му надоместам и да не бидам монотона. Така започна и нашата приказна да изработуваме оброци од различна храна со значење, која ни стана рутина – додава Загорка.

Помош и во кујна и на работа

Покрај тоа што ги дава идеите за следен оброк, Бојан ѝ помага на Загорка и во работата, која исто така овој период ја извршува од дома. Не случајно создавањето на уметничките оброци ѝ оди од рака. Таа изработува слики со пораки од камчиња и други додатоци. Преку нив Загорка доловува дел од карактерот на оној за кого е наменета сликата. На тој начин оставила спомени во многу домови преку досега направените 900 слики.

– Ме радува тоа што можам да го израдувам оној за кого е наменет подарокот, но и оној што го подарува. Изразот на нивните лица е доказ дека не згрешиле што ме избрале мене и моето студио – додава таа.

Инспирација никогаш не ѝ недостига зашто, како што вели, ја добива секојдневно од оние што сакаат да подарат слика и да израдуваат некого, но и од синот.

– Иако е мал и знае некогаш да растури некои мои подготовки за наредна слика, сепак, тој ми е мотиваторот. Тој ми дава трпение навреме да изработам нова слика, но и да изработиме нов оброк – посочува Загорка.



912

X