Една нова студија на израелски научници покажала дека загадувањето на воздухот, особено она предизвикано од издувните гасови од автомобилите и генерирано од големите фабрики, може да придонесе за значително зголемување на стапката на аутизам кај децата, а изложеноста на мајката на загадување за време на бременоста исто така придонесува за ова.

-Особено загрижува откритието дека помалите честички, особено ситните честички – ПМ2,5, како и азотниот оксид, кои се создаваат при согорувањето на горивото, успеваат да стигнат до плацентата за време на бременоста преку организмот на мајката и влијаат врз развојот на мозокот на фетусот – велат научниците.

Изложеноста на трудниците на загаден воздух негативно влијае врз имунолошкиот систем на мајката, а бремените жени и децата се особено во опасност во регионите со екстремно високо загадување на воздухот, велат научниците и апелираат да се преземат соодветни мерки за заштита на трудниците од оваа опасност.

-Различни видови невролошки нарушувања, вклучително и нарушување од аутистичниот спектар, може да се поврзат со овој фактор на загадување на животната средина – вели главниот автор на студијата, Хајтам Амал, од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим.

-Се чини дека времето на изложеност на азотен оксид е клучно бидејќи изложеноста на споменатите загадувачи во текот на бременоста и во раниот постнатален развој на детето претставува значителен ризик за развој на аутистични нарушувања (АСН), со оглед на тоа што е клучен дел од невроразвојниот процес – објасни Амал, додавајќи дека лицата со генетска предиспозиција за АСН може да бидат уште почувствителни на негативните ефекти од изложеноста на азотен оксид.

Студијата опфатила и други загадувачи на воздухот за кои е откриено дека го зголемуваат ризикот од можен развој на аутизам. Авторите на студијата предупредуваат дека еден од нив е бензенот, кој се наоѓа во издувните гасови на возилата, се создава како нуспроизвод на индустриските процеси, а го има и во чадот од тутунот.

Истражувањата чии резултати биле објавени минатата година укажуваат на поврзаност помеѓу загадениот воздух и чувствителноста на новороденчињата за развој на астма, церебрална парализа и проблеми со менталното здравје подоцна во животот, додека загадувањето на воздухот во тој период е поврзано и со зголемување на зачестеноста на бактерии отпорни на антибиотици.

Извор



912

X