Велат дека зад секој успешен маж стои успешна жена, а зад успешната жена – барем две други што ги превртуваат очите. Но, прво да дефинираме што денес значи „успешна жена“. Убава, дотерана, високо образована, добро платена, добра мајка, жена која никогаш не ја боли главата и нема ПМС.
Предрасудите со кои живееме
Мажот е само маж, тој не треба да работи во добра фирма, може да биде и обичен работник, успешен е само со фактот дека работи и дека заработува доволно за семејството. Мажот е маж и сигурна сум никој во сообраќајот нема да каже: „Види како вози, сигурно е машко“, иако јас лично возам подобро од кој било маж и секогаш пуштам трепкач кога ќе свртам.
Мажот е привлечен и со стомак, а кај нас тоа е веќе причина за диета. Како можам да бидам убава ако цела вечер станувам поради малото бебе или дежурам бидејќи детето е болно, како можам да се дотерам ако ми се потребни два часа за да ги спремам децата, што ако два часа на фризер ги менувам со два часа спиење? Во последно време се поставува и прашањето колку сум успешна ако родам само едно дете, може сум себична, нервозна и лоша ако не му родам брат или сестра. Хмммм, а можеби и во првата бременост лежев од почетокот до крајот бидејќи морав, можеби имав ужасно породување, можеби дома немам одличен сопруг кој ми помага, можеби се плашам за иднината.
Може ли да се сметам за успешна?
Имам високо образование, имам семеен бизнис, имам два прекрасни сина, се трудам добро да изгледам, готвам, чистам, наоѓам време за игра со децата, за да прочитам добра книга, наоѓам време за да излезам со пријателките. Дали мислам дека треба да се наречам успешна?
Не мислам, јас сум само жена која има многу среќа и е многу упорна. Останав млада бремена и мојот прв син стигна кога имав 21 година. Многу малку од тоа ќе направев ако немаше кој да ми го чува детето додека одев на предавања, кои некогаш траеја и по 12 часа, но тука беа добрата мајка и добрата тетка. Дипломата на крај ѝ ја посветив на мојата мајка, и многу мои пријателки им ја посветија дипломата на родителите.
Денес имам 30 години, не се тоа некои години, сакам да верувам дека не се. Имам син кој оди на училиште, помалиот син има две години, имам диплома, десетгодишен брачен стаж, сè уште имам насмевка на лицето, имам и планови…
Сè уште не мислам дека сум успешна жена, мислам само дека имам прекрасна мајка, не само поради тоа што ми го чуваше детето, туку и поради многу работи на кои ме научи. Мислам ли дека некогаш ќе ја достигнам титулата на успешна жена? Мислам, ако еден ден моите синови своите дипломи или признанија ми ги посветат мене.
Автор: Јасмина Саблјиќ