Здравје

Забрзаното растење предизвикува болки кај децата

Децата понекогаш интензивно растат во сон и тоа знае да биде болно.
Тие често се жалат на болки поради растењето, во колената или потколеницата, навечер или во текот на ноќта. Третина од децата во светот патат од вакви болки.

Нежна масажа на болното место

Тоа се случува кога коските растат и „им кажуваат“ на мускулите дека и тие мора да се издолжат. Ако мускулот пребавно реагира, процесот може да биде болен.
На децата им помага кога родителите нежно го масираат болното место. Германските педијатри велат дека на некои деца им помагаат и студени облоги.
Но, ако болката трае подолго од две недели во континуитет, родителите мора да го однесат детето на лекар.
Истото важи и ако болката не се менува во текот на денот или ако е поврзана со отоци или со црвеникави дамки. Тоа, всушност, може да бидат симптоми на фрактура или на детски артритис.

 

Децата имаат најмалку два периоди на забрзано растење, од 4. до 7. година и пред пубертетот. Кај некои деца постои уште еден период помеѓу овие два, но тоа е индивидуално. Во тие периоди коскениот систем, благодарение на симултаното растење на повеќе долги коски, резултира со истегнување на меките ткива. Поради тоа, болките често се припишуваат на пребрзото растење и растегнувањето на фасциите (меко сврзно ткиво распространето под кожата), лигаментите и на „смрзнатиот“ ремен, односно на неможност да го следат наглото растење на скелетот.
Болките од растењето понекогаш се последица на напорот на мускулите да ги стабилизираат нестабилните зглобови кај хиперподвижните деца во моментот кога во текот на брзото растење се раштимува координацијата на движењата.

Физичката активност е пожелна

Ортопедите ги советуваат родителите, пред сами да заклучат дека нивното дете има болки од растот, да се консултираат со лекар кој ќе направи анамнеза, а по потреба и други дијагностички методи, како ултразвук, скенирање или магнетна резонанција. Целта е да се исклучат сите други потенцијални причинители.
Децата што имаат вакви болки може да се занимаваат со физичка активност, ако таа не ги засилува болките. Докторите се согласуваат дека е поголема штетата ако детето нема физичка активност отколку штетата што би можела да настане од движење. Пожелни се сите видови движења – игри, прошетки или организирани рекреативни настани.

Поврзани написи

To top